Права и обврски на децата

назад кон сите лекции
Препознај, спротивстави се и пријави насилство

Препознај, спротивстави се и пријави насилство

Некогаш може да се случи да сте сведоци на настан или самите да се најдете во ситуација кои ќе предизвикаат да се чувствувате непријатно, небезбедно и незаштитено. Вакви настани и ситуации може да вклучуваат вербално насилство, како што се навреди, закани, понижувања, изнудување, уценување, и физичко насилство, кое вклучува различни форми на несакан физички контакт, како што се туркање, удирање, но и уништување на приватната сопственост и попречување на слободно движење, Важно е да ги препознаете ваквите настани и ситуации како нешто што е неприфатливо и како нешто против коешто треба да се борите. Насилство во било која форма остава сериозни последици и има големо негативно влијание врз физичкото и психичкото здравје на жртвата. Доколку не се реагира, изложеноста на насилство може да доведе до зголемен стрес, намалување на самодовербата, зголемување на стравот, изолација, депресија и физички повреди кои имаат огромно негативно влијание врз квалитетот на животот на жртвата. Последиците од насилството се сериозни и можат да останат дел од животот на жртвата и долг период после првичната изложеност на насилството. Доколку се најдете во улога на жртва, или, доколку се случи да сте сведок на насилство, многу е важно да реагирате навремено и соодветно. Спротивставете се на таквото однесување, изразете го своето негодување, побарајте јасно да се престане со таквото однесување.  Штом е можно, оддалечете се од ситуацијата и побарајте помош од наставник, родител или лице во кое имате доверба. Не учествувајте во насилството, не охрабрувајте насилство и пријавете појава на насилство, на тој начин преземате исклучително значаен чекор во спречување на насилство.