Креативно пишување на книжевно-уметнички текстови

назад кон сите лекции
Расказот „Остров на пладне“ од Хулио Кортасар, звучен запис

Расказот „Остров на пладне“ од Хулио Кортасар, звучен запис

Александар Маџаровски-Читачот го чита расказот „Остров на пладне“ од истоимената збирка раскази во издание на „Темплум“ (2005 година).

Кратки раскази од други македонски автори

Кратки раскази од други македонски автори

Кратки раскази од: Елизабета Баковска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Ѓоко Здравески, Иван Шопов, Ненад Јолдески.

 

13.

 

Во главата пишувам расказ. Мајка ми има три паричника. Во ниеден од нив не чува пари. Во едниот има исечоци од весници со реклами за лекарства на природна база и картички од такси-компании. Во вториот има ливчиња со имиња, адреси и телефонски броеви и една визит-картичка од манастир (првпат гледам визит-картичка од манастир). Во третиот паричник има само две фотографии, од мене и од брат ми. Мојата фотографија е онаа што отпадна од изборот за матурското табло. Не сум ја видела одамна. Првпат се гледам себеси онака како што ме гледала мајка ми, како нејзиното убаво девојче.

 

13.9.2018 Битола

 

ЕЛИЗАБЕТА БАКОВСКА

 

* * *

 

Оглас

 

Изгубен е расказ. Се одѕива на името Миме Зис. Многу е мил и плашлив. Ако го видите, намамете го на лист хартија. Или пријавете го во најблиската фикциска станица.

 

Игла и конец

 

Дури да го вденеш расказот, потоа е лесно. Само треба да се подврзе конецот на едниот крај и да се закрпи некоја литературна дупка.

 

Куфер

 

Краткиот расказ е како куфер за кратки релации. Се става само неопходното, но ни останува некое горко чувство дека нешто сме заборавиле, дека нешто ќе ни недостасува, таму, надвор од неговите граници. Дури и тогаш кога просторот е најрационално искористен, кога пастата за заби е во минимално пакување, долниот веш прецизно пресметан, книгата-сопатник, едно левтерно, речиси бестежинско издание, сепак нешто нè јадосува. Мора ли да ги има тие проклети патенти?

 

САЊА МИХАЈЛОВИЌ-КОСТАДИНОВСКА

 

* * *

 

Ќерамиди

 

Лето е. Седам на покривот од недоградената куќарка на едно ритче во близина на Марковиот манастир. Долу во лозјето дедо ми нешто работи. Пред куќа седат баба ми и баба Тасејца, пијат кафе и пушат МТ. Потоа баба ми гата и во талогот гледа сè од убаво поубаво. Јас седам на покривот од куќарката. Во едната рака стискам парче шеќерна табла, од оние што ги купуваше дедо ми, а во другата младо кромитче штотуку набрано од бавчата. Лето е. Јас сум дете качено на покрив од куќа.

 

ЃОКО ЗДРАВЕСКИ

 

* * *

 

Крстозбор

 

Знам најмалку тројца бездомници кои потпрени на ѕидот од некоја зграда, или на својот скромен имот сместен во бовча, најголемиот дел од денот го поминуваат во решавање крстозбор. Во нивниот свет сè е средено, по вертикала и хоризонтала.

Си претпоставувам како би изгледале улиците ако крстозборот го искористиме како нов план на градот.

Би сакал еден ден да им ги украдам решенијата и да ги прочитам вкрстените зборови како молитва за градов. Не знам зошто, но уверен сум дека молитвата ќе биде услишена само ако има некое погрешно решение.

 

ИВАН ШОПОВ

 

* * *

 

Правда за кратката проза

 

Сонувам како со Иван Шопов се бориме за кратка проза. Ровот во кој сме напикани изгледа ко секој ров – грозно. Ние сме наоружани до заби. Му велам: чоек, шо прајме море овде? Што да правиме Ненаде, ми враќа, се бориме, и го репетира пиштолот. Против кого се бориме море луд еден, му велам. Не знам како воопшто успеа ме довлечкаш овде... Ако не ти одговара оди си, ми вели, само внимавај каде газиш. Нормално дека че си одам, му враќам, не сум луд ко тебе! Башка гајле ми е за кратката проза и јадрото на расказот. Си одам! Чао! Оди си, ми вели и заминува низ ровот.

Се разбудив нервозен, уморен и со главоболка. Го проверив телефонот. Имаше порака од Иван Шопов: „Изгубивме. Ти си предавник. Никогаш не ќе успееш да завршиш уште еден расказ“.

 

НЕНАД ЈОЛДЕСКИ

 

Корејски стрип

Корејски стрип

Solo leveling („Самостојно напредување“) е корејски илустриран веб-роман од жанрот акциска фантастика, чијшто автор е Чугонг. Се објавува во периодот од 2016 до 2018 година во дигиталното списание KakaoPage и има вкупно 162 поглавја. 

 

Линк до стрипот: https://www.tappytoon.com/en/chapters/623723039

Стрипот во Македонија

Стрипот во Македонија

„Визуелната хроника на македонскиот стрип“, да ги кажеме само неопходните факти, е проект започнат 2019 г. и фокусиран врз стрип-продукцијата и публицистичката понуда на подрачјето на стрипот почнувајќи од годината на осамостојувањето на Македонија во последната декада на минатиот век, сè до стрип-појавите во наши дни. (...)

 

Целосниот текст е достапен на следниот линк: https://okno.mk/node/101234

Малку повеќе за стрипот

Малку повеќе за стрипот

Онтологијата на стрипот мора да започне со одредени терминолошки, поимни и структурални разјаснувања, оти тие можат да имаат влијание врз препознавањето и одредувањето на естетичката природа на стрипот. Во многу ситуации етимологијата (или потеклото на терминот) може да ги предочи и доближи содржината на поимот и суштината на феномен што поимот го означува. (...)

 

Целосниот текст е достапен на следниот линк: https://okno.mk/node/97566