Романтизмот и културната преродба во Македонија (средина на 19 век)

назад кон сите лекции
Приказната „Силјан Штркот“ собрана и запишана од Марко Цепенков

Приказната „Силјан Штркот“ собрана и запишана од Марко Цепенков

Најдолгата приказна што ја запишал Цепенков е приказната „Силјан Штркот“. Многумина критичари сметаат дека „Силјан Штркот“ претставува подолг авторски расказ, а некои го сметаат за првиот краток роман во македонската книжевност. Според тематиката, делото претставува волшебна народна приказна (сказна), зашто во неа е опишана преобразбата на човекот (Силјан) во штрк и неговата повторна преобразба во човек.

 

СИЛЈАН ШТРКОТ  

Во село Мало Коњари имаше еден чоек многу чесен и кроток, на име Божин. Тој имаше само еден син на име Силјан; имаше Божин и една ќерка. Силјан беше многу гален и од татка и од мајка, чунки од многу синои Божиноj само Силјан беше останал жив, та од тоа беше гален многу и беше го ожениле уште на шеснаесет години и на седумнаесетте години му се роди на Силјана едно дете машко, му го викаа Велко.

Бидејќи гален Силјан и аџамија, ич ќев немаше да работит селцката работа: орањето нивјето, копањето лозјата, жниењето нивјето, вршењето и овците гледање оставени беа на Божина и на Божиница. Неда, невестата му, и сестра му, тие да ја работат куќната работа, а пак Силјан ќев имаше пазарџибашија да бидит; да беше кабил катаден да ојт на Прилеп на пазар, да купуат вино и ракија и друзи слатки работи.

Секое одење на пазар, Силjан, уште неслезен од коњ, прао ќе појдеше кај лебарниците и ќе земеше еден топол сомун ас екмек и ќе си купеше тан-алва, та ќе јадеше.

– Е, кога ми е посладок сомунов со тан-алвава, бре браќа – му велел на другарите си – како да јадам од дома ’ржани леб?

На тие зборои и друзи Силјанои, што му ’и велел на другарите си, тие уште поеќе го насрчуале да јадит најслатки работи, чунки покрај него и тие јаделе и пиеле. Некој пат ќе одел на пазар, тики ако му се најдеа поечко пари, два-три дни не си идел ни во најсилната работа дома.

Многу пати татко му го скаруаше задека се забаал в град и не му идел да му помага во работата; арно ама Силјан беше ватил еден лош пат, тики ич не го слушаше татка си и мајка си, што ти велаат: вај, бај да не се настрвит пес на касапница, да после мачно је да се одучит. Многу пати татко му го поучуаше со кротко, до колку знаеше сиромав Божин, и многу примери му носел ѓоа да се тргне Силјан од тој пусти ајљазлак.

– Синко бре, чедо бре, Силјане! Остај се, бре чедо, од лошио ајљазлак што си го ватил; остајсе од тие лоши другари што не сет домаќинцка челад. Тие те лажат, бре синче, да арџиш пари по пустина, та и ти да се осиромашиш после како нив! Немој, бре чедо, не оди по умиштата од тие другари. Слушај ме, синко, јас што те учам и мајка ти, оти ќе те вати некоја клетва од нас, бре синче Силјане! Веруј, синко, оти секој син и ќерка што не слушале татко и мајка големо наказание од Бога добиле. Слушај, синко, нешто што ми текна да ти кажам: за Сивета и Чулета. Тие две пилиња и ти сам си ’и видел и си ’и чул, синко, в поле, кај си стојат по шипјето и глоѓето и си пеат; едното си пејт: сиве, сиве, а другото – чуле, чуле. Ете тие две пилиња, синко, си биле некоа брат и сестра. Многу биле лоши, разлаални; татко и мајка ич не ризале, многу ’и огорчуале и зер татко им бил многу лут, така и мајка им, та беа ’и колнале многу пати, ете зер ѓавол, натема го, беше се погодил, чедо, некој лош саат, кога ’и колнала мајка му вака: „Синко Сиве, и ти ќерко Чуле! Пилци да се сторите и од куќава наша да одлетате, да в поле да појдете, по трњето да стојте и еден друзи да се барате, та да не можите никоаш да се најдите. Така куртулија од вас да имаме од вашиве маки што ни ’и даате.“ И за вистина, синко Силјане, беа се сториле пилци и си пошле в поле да живеат по трњето и катаден еден други да се бараат и да не можат да се најдат и да се видат. Ем, тако ми Бога, чедо, тебе можи да ти се чини лага, ама мене за вистина, чунки ми е приказано од деда-прадеда; чунки во стар век, синко, не лажеа нашите стари како сега што лажат младите.

– Дека многу те милуам, синко Силјане, та затоа ти ја прикажуам оваа приказничка, да се свестиш и да се остаиш од овие лоши другари што те учат на лошо, оти можи Господ да те стори со секакви лошотии. Најпосле, чедо, не знам друго што да ти речам и да те учам од колку што сум чул од татка и Бог да ми го прости. Тој многу пати велеше: кој ојт од кол на кол, коло... ќе му се пикне. Ти, синко, не ме слушаш за ова што те учам сега; арно ама ќе дојди саатот што мојве зборои сè по глаа ќе те удрат и тогај ќе поверуаш; арно ама што рекол некој: ќе ти дојдит умот, ама ќе ти појдит кумот. Толку знам сега, Силјане, толку ти велам. Прај, што прајш, чести си таткото и мајката да не добиеш некоја клетва во некој лош саат, та да тргаш мака.

Дури го учел Божин Силјана сина си, сè се пулел во гредите и во ѕидојте, чунки како крв му се глеаше татко му пред очите коа го учеше. „Ако се раздени, ќе ти кажам јас тебе клетва ќе добијам и друзи маслаати, што ми ’и кањараш ти мене“, си велел сам со себе Силјан, „дури да си појдам в град, да ќе ме видиш ти овде да ме тераш ти на жниење на оваа силна горештина, бидејќи имат в град ладни меани да седам и ќев да терам со граѓаните. Блазе си му, анасана, на граѓани: тие ете ти живот поминуаат ја, а не како ние селаните ќе испукаме од горештина, пот да ни течи од челото како река. Утре, дај Боже здравје, одење в град и назат нема да се вратам од овие тешки лакрдии што ми ’и рече стариот, да знам оти завистина клетвата негоа ќе ме ватит; пиле да се сторам, бело море и црно ќе прелетам, ама уште еднаш при татка не дојдуам. Ете лели со инаетлак татко ми ме вати, чекај да ме види што маж сум јас. Лели за инает, еден тоар сол ќе јадам, ама не му се поклонуам.“

Размислуајќи ’и овие зборои и друзи ноќта, Силјан уште во темни зори ја праштил в град и си ошол на еден ан, кај што си одел секоаш.

Вечерта, за к’сметот од Силјана, дошол еден дуовник на анот, од Божигроб, да проси милостина по виљаето Прилепцки и по друзи. Арно, ама дуовнико другипат не бил по тој виљает за да знајт да шетат сам и му рекол на анџијата за да му барат некој калауз за да го шетат по селата и по градојте.

– Ха, еве ти, Силјане, тебе работа како што бараш – му рекол анџијата на Силјана – на нога да шеташ по селата!

Силјан асли тоа бараше за да го пука татка си и мајка си кога ќе чујат оти и од Прилеп беше избегал. Се удрил со дуовникот и Силјан на пазар; вур, тут, беше ујдисале поштозашто и утрото тргнале по виљает да просат милостиње за на Божигроб.

Целото лето и есента што шета Силјан со дуовнико, и на ден Митроен си дошле во Прилеп, и изваил дуовникот пари да му плати на Силјана ругата колку што беше погоден. Арно ама Силјан парите не му ’и земал, чунким сакал и тој да ојт со него на Божигроб.

– Аман, оче дуовниче, те молам, земи ме и мене со тебе на аџилак, за да се сторам и јас еден аџија, та и да умрам да не жалам!

Вака му велеше Силјан на дуовникот и му се молеше дури со плач на очите за да го земи на Божигроб. Никако не му дааше рака на дуовникот за да го носит Силјана со себе на Божигроб, чунки сакаше да арџит пари за него поеќе од колку што му чинеше ругата. Му се тоари анџијата на дуовникот и го моли да го земи Силјана на аџилак, да отаде назад како знајт нека си прајт. Најпосле, беше кандисал дуовникот и го зел Силјана со себе за на аџилак.

Дошле на Солун и влегле во една гемија, та се упатиле за на Божигроб. Одела, што одела гемијата по правио пат и по некој ден свртел еден противен ветар многу силен, та кога ја подбрал гемијата по морцката ширина, летала како некоја црпка по талазите што биле по море. Бре овде ќе се удаит гемијата, бре онде ќе пропаднат, една цела недела што ја тера гемијата и едно утро приближила гемијата до една ада, та коа се удрила од камењето, парче по парче се напраила; сите што беа во гемијата, се удаиле, само Силјанче беше се нашол на една штица задржан и беше го исврлило далгата на суо.

Многу време стојал Силјан на суо ватен на штицата и сè му се чинело оти се носит на море. Некое време сетил оти ет на суо и станал просто, та се прекрстил и Богу се помолил задека го избавил. Застанал крај море да гледа кај што се скрши гемијата, да не нешто излезит од море дуовникот; арно ама, залудо што чекал Силјан, чунки дуовникот и сите друзите што беа во гемијата – беа се удајле. Откоа виде Силјан оти никој не излезе, тргна да оди по адата, да види што земја ќе бидит таа.

Оде, што оде и најде еден извор, та појде и се напи една вода; до изворо најде јемиш здрел и си скинал, та се поранил, оти беше умрел од глад. Над изворот најде една пештера и тамо беше си влегол за вечерта да преноќева; арно ама, ако дојде ти да преноќеваш и да заспиеш тамо, да и Силјан да заспиет! Целата ноќ што мислел и думал за кај бил и сега каде е во таа пустелија, кај што петел не пеал и куче не лајало.

– Ах мајче! ах татче! ах, мое мило синче Велко и ти, моја мила сестро! и ти, моја мила домаќинко! Дали ќе видите вечерва некој сон оти јас се избавив од улаото море што ќе ме удаеше? Дали ќе видите некој сон оти јас сум во една пуста земја кај што петел не пеит! Ќешке со пушка да бев убиен, мајче, и тамо да бев умрен, во нашите гробишта да бев закопан за ти, мајко, да ми идеше на гробот, да ми палиш свеќа и да ми раздаиш задужбина! Ами тука, мајко, во оваа пустелија ќе умрам и орли, врани, месата ќе ми ’и јадат. Ах, татко, татко, за ошто толку лошо ме колна за да дојдам во ова пустелија!

Со тие зборови и друзи Силјан целата ноќ беше си ја поминал и одвај во зората беше мигнал малку, та коа се разбудил, сонцето беше огреало.

– Сполај ти, Господи, сполај ти, оти сонцево грејт од кај што заоѓат овде! Чудна земја ќе биди оваа – си рекол сам со себе – зер долна земја ќе бидит оваа! Ејди јас сиромав, нема за мене избавиште и одење веќе во Коњари. Ах, село златно, ах, град Прилеп златен, дали ќе ме донесит Господ уште еднаш тамо! Ако речи Господ уште еднаш јас да појдам тамо, три години ќе чинам измет на манастир на Трескаец, на Богоројца. Ов, јас сиромав само со умот што се богатеам, оту уште еднаш јас не било к’смет да си одам, ами види тоа широко море: до кај што ми око гледа, до тамо вода имат; нема јас да се вратам уште еднаш назад, овде коски ќе окапам и друго ништо.

Сопрво беше напраил еден крс на едно дрво од некое суо дрвце за да го познаат местото, чунки ќе одел као внатре во адата за да види што има и што нема, да ако нема некоја трага од чоека, пак сакал да се врати назад, кај изворот, за да поживеит тамо со јемишот што бил на дрвата.

Си зел в раце едно дрво некастрено, како за стап, в раце да му се најдит, за од лошо да се брани и тргнал на угорното да одит. Колку еден саат што одил, пак нашол извор со вода и чунки одел прекутрупа, на многу места наоѓал јаготки и си јадел. Тоа само му било мака што не можел да види некаков пат и да види некоја чоечка трага. При сè тоа Силјан си патуал со голема надеж да најди некоја трага и докај пладне изодил угорното, та се качил на планината и кога се опулил натамо, видел едно поленце опколено со планинки и ридои, прилично како Прилепцкото.

– Сполај ти, Господи, сполај ти – си рекол сам со себе Силјан – дали на Крушоо се наоѓам овде и го гледам нашето поле? Дали сон гледам? И јас не знам. Во ове поле треба да имат луѓе, чунки гледам како да има ливаѓе и нивје.

Со надеж Силјан да најди луѓе, тргна да одит од планината в поле. И докај десет саатот дошол во крајот од полето и видел еден пат кај што оделе луѓе.

„Еве ми трага од луѓе – си рекол сам со себе Силјан. – Арно, ами што знам што луѓе ќе бидат? Ако се Бугари, арно, – ќе се разберам; ами ако се Турци или Власи или Арнаути, како ќе се разбирам за да зборуам?“

Така си мислел Силјан и си патуал по патчето што го нашол. Патчето било низ едни ливаѓе и во ливаѓето имало киселица, та Силјан си набрал и се изнајал од неа. Близу пол саат што одел, и кога дошол до една тумбичка се качил на неа и чул од луѓе зборои; арно ама ништо не разбрал од тие зборои, така му се чуло како коа да кљакаат штркови. Се уплашил сиромав Силјан едночудо, чунки си рекол со умот оти ќе бидат некои ѕверои. Се засолнал зад едни шипје и отаде ’и видел луѓето. Тие си биле маж и жена и си коселе една ливада. Думал, мислел Силјан, како да праит: дали да му се јави, дали назад да се врати.

– О јас сиромав – си рекол сам со себе – угоре високо, удолу длабоко, да се вратам; кај џевнем да одам? Да му се јавам на овие луѓе, ми е страв да не нешто ме отепаат или да не сет некој диви луѓе од долна земја? Како да праам, златен Господи? Ај, на име Божје, ќе му се јавам, да као сакат, нека бидит; и така јас сум загубен и така!

Излегол од зад шипјето и тргнал кај луѓето да одит со прекрстени раце и со солзи на очите, се приближуал кај нив. Едно го виделе Силјана мажот и жената, остајле косите и си прогоориле помеѓу си со нивниот јазик и се изнасмеале. Си рекол со умот Силјан да не му прогоори, ами да му се поклони, чунки чу оти тие си прогоориле по нивнио јазик. „Од кај ќе знаат овие луѓе – си рекол Силјан сам со себе – по мојо јазик за да му речам добровечер.“ И едно се приближал пред нив, му се поклонил со рацете на градите и ја наведил глаата пред нив без да му речи добровечер.

– Море што не прогоориш, бре Силјане, да речиш добровечер – му рекол мажот – или помози Бог? Дали онеме нешто од морето што си пливал, дали што?

– Сакав, стрико, да прогоорам, арно ама чинев оти не знајте по мојио јазик. Вие еве сте знаеле и по нашински и сте знаеле дури и името мое – рекол Силјан. – Ви се молам, стрико ле, од кај ме познаате мене што ми рековте на име? Јас вам до денеска не сум ве видел ни во некое село, ни пак во некој град; летово јас со еден дуовник шетав сиот наш виљает и по села и по градои; арно ама нигдека како вас чоек не сум видел. Ви се молам, стриче ле, ако не ми кажиш од кај ме знаиш?

– Лели те довеал ветро у нашава земја, кај што чоек не дошол досега – му рекол – ќе ти кажам од кај те познаам, чунки си имал к’смет да се видиш со мене и гостин ќе ми бидиш у мене. Ја повели, седни и на малку леб и сирење касни, да еве кај се стемнуат и ќе си ојме у мене дома, да тамо ќе се разбериме за сè што има да нè прашаш и да те прашаме.

Се смрачiло и си го зеле мажот и жената Силјана, та си го однесле дома. Едно влегло во дворот и го догледале синои му на чоекот Силјана, дале радосен вик децата:

– И, и, и, ене го Силјан од Коњари; ене го Силјан од Коњари, кај ни иди на гости!

„Шоана али навистина ет ова, али на соне; види сега и децата да ме познаваат и на име да ме викаат, чудно оваа работа ќе бидит; ај да видиме Госпот што ќе кажит“ – си велел сам во себе и влегол у чоекот дома.

Се натрчаа сите и добре дошол беше му рекле. Го навечерале со најубаи манџи, како секој гостин најмил. Силјан не можел да се начудит на луѓето кој се и во кое место се. Еднаш си преесапил, како да ет во Орицко Поле и Струшко, чунки тамо имало езеро, да можи морето да ја донесла гемијата во езерото и тамо можи да се скрши и тој излегол.

„Ха-ха, не сум Орицко Поле и Струшко; чунки тамо ваквие луѓе немат со олку долзи носеи и олку високи во нозете; овие луѓе не сет асли како нас – си велел сам со себе. – Е арно не сет, како нас, ами од кај ме познават мало, големо во куќава што сет?“

Дури си мислел така Силјан, сам беше го остајле во една одаја луѓето, чунки ошле да наранат имањето.

По малку време беше се собрале сите куќни луѓе и дури некоj од комшијте и курдисале муабети да го прашаат Силјана.

– Е, Силјане, како е татко ти Божин со здравјето? – го прашал домаќинот. – Како е мајка ти Стојна, невестата ти Неда? Ама како е сестра ти Босилка, син ти Велко? Сите здрави и живи сет? Ами ти, бре Силјане, како си сега со татка ти, али го ризаш потроа? Дали поеќе го пукаш?

– Туку речи поеќе го пукам, стрико – му рекол Силјан – одошто го ризам. И од тоа пусто неризање мое ме накажа зер Господ што дојдов во вашава земја.

Оттука заватил Силјан да му кажуат на луѓето сите грешки што му грешаал на татка си и на мајка си, што им праел, при сè што домаќино од полујната и поеќе беше му ’и знаел на Силјана грешките.

Откоа доказа сето сторение негоо, Силјан им се молил за и тие да му кажат од кај го познаваат и од кај го виделе што му ’и кажуале грешките, како со очи да му ’и гледале.

– Ејди, синко Силјане – му рекле старите – ние сме дојдени во вашето село Коњари уште не беше роден ти; ние сме живееле на вашата куќа и во вашето поле, да затоа ти знајме сè по име од дома, чунки ние се слагаме како од вашата куќа; ние знајме сè што имате дома, ем поарно од тебе. Знајш, али не знаиш? И дека ти кажуаме вака тебе дури како да не ти се ваќа вера, ама откоа ќе ти докажиме здраво, после ќе веруаш.

Туку седи Силјан и се чуди на тоа што му го кажуале; каква работа ќе бидит таа, луѓе невидени, ни чуени, да му прикажуваат за сè што имал дома и за што му се сторило нему и во селото.

– Ви се молам, браќа мој, кажете ми каква е оваа работа, што ми знајте сè што имам дома? Дали ангели од Бога сте, и сте дошле у нас, дали светци сте? Дали пилиња сте и сте долетале у нас? Дали што сте, ве молам кажете ми за да се уверам, оти на ум сум станал со вашава приказуачка.

– Еве за ошто знајме ние сè што имате дома, Силјане – му рекле – оти ви седиме на куќите; ние се прајме штркои, Силјане, и ви идиме во вашето село и во сио виљает ваш.

– Ами коа се прајте штркои – му рекол Силјан – за што сте сега луѓе?

– Оти луѓе сме, затоа луѓе сме – му рекле – а за штркои што се праиме, си имаме од деда-прaдеда клетва да се прајме, чунки тука ние, Силјане, не е чаре да родиме челад според една клетва што ни е остаена од деда-прaдеда, како што ти кажав уште од понапре.

– Ами не е чаре, стрико, да ми кажеш каква била клетвата од дедои ви за да не раѓате челад? – му рекол Силјан.

– Можам, Силјане, да ти кажам како се сторило себaп за да не ни траат челадта во старо време и да оjме во вашите страни да раѓаме. Имало во старо време некојси старец што бил како светец на оваа земја. Во тоа време децата од преку, преку дедоj ни биле многу лоши: не слушале таткоj си и мајки си, а пак таткоjте и мајките ич не ’и повелале; триста лошотиј праеле. Само тој старец ’и учел и децата и мајките и таткојте за да не праат така, оти големо зло ќе ’и најди. Еднаш беше ’и скарал неколку деца, што биле собрани онде на крај селоно под едно дрво јавороо. Бидејќи лоши многу биле децата, го удриле одземи старецот и беше му пукнала жолчта на часот. Тогај беше проколнал старецот сио народ што се наоѓал во нашава земја: „Ов, да би Господ ве судил деца – им рекол – што ме отепавте на правина! Да дадеше Господ една сипаница лоша да дојдеше и сите вас да ве собереше, та после векот едно да не пркнит: овде да се родит, ама бело море и црно да препливаат таткој ви и мајка ви тамо да видат челад; откако ќе видат челад тамо, еден Господ нека судит и еве јас си умирам“. Тие и друзи зборои беше рекол стариот и беше си умрел, и тамо беше го закопале. На трите години од помеѓу гробот на старецот извреа два извора, што сет и ден-денеска. И за вистина, Силјане, клетвата од старецот, што ’и колна прадедој ни, се исполни и до неколку години сите деца од лошата сипаница изумреа и останале сите како црни кукајци без челад. Да му је милос на Бога, зер неќел да не сотрит сите, ами му дошло на старата од старио на сон за да кажи на дедој ни да појдат кај изворите и во еднио извор да се искапат, та ќе се сторат штркои, и да прелетаат бело море и црно, та да појдат во нашата земја и тамо челад да родат и да ’и изгледаат, та пак овде да си дојдат и да се искапат во другио извор, та да се сторат пак луѓе. И ете кај си прајме така од илјадница години и дури стои веков, Силјане внучко, сè така ќе си прајме“, му рекол домаќинот и друзите.

– Сполај ти, Господи, сполај ти, бре стрико, што беше била клетвата лоша – им рекол Силјан – татко ми кажуаше за две пилиња што сет кај нас в поле, едното го викаат Сиве, а другото Чуле. За нив татко ми прикажуаше оти тие биле брат и сестра и ич не живееле како што рекол Господ, та беше ’и колнала мајка му и татко му да се сторат пилиња и да одлетаат в поле, та да се бараат еден други и да не се најдат. Еве вистина, стрико, сет тие пилиња кај нас и везден кај се бараат и не можат да се видат. Арно, сега салам поверуав оти клетвата од татка и од мајка ваќала, чунки еве мене кај ме вати. То веќе, стрико, оти је така, како што кажавте, така си е, и не инаку, туку јас сиромав, како ќе праам за дома да си одам? Некоја гемија дали дојдуа покрај земјава ваша за да се качам и да си одам? Чунки сам знајш ти, стрико; те молам, стрико, ако је кабил, кажи ми како ти е името?

– Името ми е, Силјане – му рекол домаќинот – Аџи Кљак-кљак, внучко! – Колку је жал за кај што се родил чоек. – Колку за гемија, Силјане, околу нашата земја, не је чаре да можи да дојди, чунки бијат талазите во брегојте и околу - наоколу брегојте сет спили и камење. Ем јас чунки сум прв на земјава наша, како војводата ваш што го имате во Прилеп, така и јас сум овде; да сум ја опколил сета земја, околу - наоколу и сум видел оти не можи ништо да се прибери од лоши спили и далги. Туку ти лели си при мене, нема да те оставам овде, ќе ти барам некое чаре и ќе си ојме заедно дома. Ем еве како ќе напрајме. Кога ќе ни дојди времето за одење кај вас ќе се искапиш и ти и ќе се сториш еден штрк, ќе си земиш во едно шише вода од другио извор и ќе си го обесиш на гуша и кога ќе си ојме дома, ќе се потуриш и еве си пак чоек. Ете така, Силјане внуче, ќе си ојме, ич да не бериш колку за тоа гајле. До тогај ти гостин ќе ни бидиш, јади си, пи си и ќев терај си! – му рекол Аџи Кљак-кљак војводата.

Откоа беа довршиле муабетот, си легнале и си спале. Утрото станале и го зел Силјана Аџи Кљак-кљак, та го прошетал низ негоото гратче и го однесол кај двата извора што се праеја штркои и чоеци.

– Ако не веруаш, Силјане, оти чоек се прајт штрк, еве јас ќе се искапам за да поверуаш.

Влегол Аџи Кљак-кљак во изворот, се искапал и се сторил штрк. Летнал вамо, летнал тамо, прокљакал и пак се искапал, па се сторил чоек. Брго-брго Силјан и тој така се обишол и се сторил и штрк и пак чоек. Со тоа се уверил Силјан оти ќе си одел дома.

Неколку месеци што седел Силјан тамо, во сите полцки работи им помагал. Али је тој Силјан што не работеше дома, кај татка си? Тамо работел гологлаечки и јуначки. Приближало времето за да се готват за вамо да идат, пратил пратеници Аџи Кљак-кљак по сите домаќини и сите младоженци да идат тамо за да се праат штркои. Во неколку дни се напраија штркои и сите одлетаа крај море за да се чекаат, дури сите да се соберат. Тамо имало едно големо блато и во блатото илје и милје имало жаби и други водни животинки, тамам за штркојте гозба. Си наполнил Силјан едно шише од чоечката вода и си го врзал на гуша, та си се сторил штрк и си летна заедно со Аџи Кљак-кљак, та дошол кај што беа збрани сите штркои. Откоа се изнајале сите арно, убао од жаби, се дало заповед од аџијата и сите летнале и се извишиле наугоре, дури до облаци.

Отаде беа се упатиле прао за кај нас да идат; летале, летале токмо дваесет и четири саати, дошле до една ада, та слегле на адата и се најале отаде жаби и друзи животинки. Во тоа време ете кај иделе низ море две ламји за да ’и јадат штркојте; едно се приближале, и штркојте летнале пак вишно небо. Откоа се извишиле до облаци, беа му се пуштиле за кон кај нас да си идат.

Летале, што летале, и приближиле до некое краиште од земјата, слегле и се починале, си попасиле тамо троа тревичка, чунки таквоо било местото што немало никаква животинцка рана за штркои. Откоа се починале и се понајале, си летнале пак и си дошле во тие земји кај што си имале седела, та секој си тргнал во својот виљает, а Силјан со аџијата и друзи се упатиле за кај Прилеп. Кога дошле близу селото Плетвар, кај дервенот, видел Силјан полето Прилепцко; видел Маркуј Кули; видел и манастирот Трескаец, и од радос веднаш беше слегол до едни камење за тамо да се потурит со шишето вода, за чоек да се сторит и оттука пеш да си одит дома.

Арно ама што рекол некој: „Не треба чоек да се радуат многу, ни да жалит многу, оти зијан ќе го најдит“. Така и Силјан коњарецот голема радос му се сврте на голема жалост, чунки од големата радос слегуајќи наземи, не стори мукает да не го окрши шишето. Да што рекле стари: зла супраа – готоа штета, така му се сторило и на Силјана, дека силно паднал наземи и го удрил шишето од камено и го окршил, парче по парче, и водата се разлеала по каменот. Брго, брго се испрпелал над истурената вода Силјан; арно ама немаше да се натопи барем ич и си остана пак штрк. Радоста од Силјана се свртела на преголема жал и плач и тогај дури се уверил оти штрк ќе си бидит и штрк ќе си умрит.

„Ех, кој не слуша татко и мајка – си рекол сам со себе – клетвата го ваќа, лели ме донесе Господ на мојо виљает не ми е толку жал, чунки овде ќе си умрам“. Со тие мисли Силјан си летна од Плетварско и си одлета во село Коњари, та си кондисал на седелото од Аџијата.

– Силјане – му рекол аџијата – при сè што те милуам многу, атар нема да ти остани, нема да седиш во моево седело, ами ќе си седиш на другиот крај на куќата, чунки нам ни ет седелото домаќинцка постела. И не бери гајле, пак јас ќе те однесам и ќе те донесам и пак чоек ќе те сторам; арно беше сега да не го окршиш шишето, ама откоа ќе се стори едно лошо, не се враќа лесно. Здравје нека ни дајт Господ и сè ќе бидит.

Му текнало на Силјана оти така је како што му рекол Аџијата и си отишол на другио крај на куќата да седи. Бидејќи било многу рано, уште не беа развржале куќните луѓе, само татко му беше излегол во дворo, сопрво него го видел и од жал што му паднало, се расплакал. По малце време беа растанале сите од куќи и секој по нешто работа работел: мајка му кравите ватила да ’и молзи, невестата му овците ошла да ’и молзи, син му свињите и телците, прлињата ’и испуштило за в гоеда да одат, сестра му куќата ватила да ја мети и гнојо да го врлат. За Силјана и напре немало работа и сега немало, при сè што сега му се смилила работата и куќата; арно ама требало да си ја трга џезата што го колнале татко му и мајка му.

Откоа си поплакал Силјан на куќа на деветти марта за домашните, коа ’и гледал и не можел за со нив да зборуа, на жалта згора си летнал од куќа и си ошол в поле да си ’и види нивјето, ливаѓето, лозјата и чаирите кајшто паселе гоедата. Прошетал по сето Коњарцко поле и слегол дури на Врбјанцко, крај блатото, та си се најал жаби, кауѓерици, скакулци и гуштерици.

– Ах, јас сиромав – си рекол сам со себе – дали вака ми било речено, наместо од прасе месо да јадам понапред, сега си јада жаби; наместо јагули и риби напред што јадев во златниот град Прилеп по ладните меани, сега си јадам гуштерици и кауѓерици. Нека ми е уѓе: на такваа глаа таков брич, што го велит тој збор татко, ем ак имам што го велит, чунки сè што ме учеше и ми велеше, сè по глаа ме удри. Ах, Боженце, и ти златна Богоројце! Ви се молам, душата да не ми ’а земите, дури не се сторам пак чоек и тогаш ќе познит татко ми и мајка ми, како ќе работам во куќава и како ќе ’и слушам.

Коа ќе се замислел Силјан штркот понекогаш вака тики ќе се забораел кај што стоел. Стоејќи еднаш на куќа, ја видел жената му кај ги молзи кравите и, од милост на убаите телиња, слегол во дворо и отишол до телињата да ’и помилуа ѓоа; арно ама кај го знаеше син му Велко оти штрко Силјан је татко му, Велко си имал едно стапче в раце и видело оти телињата ’и милуал Силјан со клунот, та се уплашило да не им стори нешто штркот, та је свикало на мајка си:

– Мајко мори, види го штрко, ќе ’и јади со клунот телињата!

– Не јади штрк телци, а чедо, туку лели ти е страв, бркни го.

Кога чу Велко зборот од мајка си, врли со стапчето по него и го удри по глаа, та го ошумоглаи и не можел Силјан веднаш да си летни. Кога видело Велко оти стоел Силјан на тоа место, пошол да си го земи стапчето и го грабнал штркот преку полојна со обете раце и свикал по мајка си:

– Мајко, мајко, го ватив штркот.

Во тоа време дошла жената му и мајка му да му помага за кравите молзење. И нејзе и кажуал Велче оти штркот го удрил со стапчето и после го ватил. Пусти Силјан тогај дури се сетил оти штрк јет и можи син му да го удаи и умри, ако не беше му свикала мајка му на Велка да го пушти од раце и умирачка ќе си го наеше, чунки можеше да го врзи Велко со еден сиџим за нога и да си играт со него, како што си играат децата коа да врзуаат врапчиња и чавки.

– Пушти го, Велко чедо, штркот, пушти го – му рекла Неда – оти је греота, зер и тој, завали, ет некој вдоец, ја вдојца, како мене што сум без татка ти, еве ќе стори близу две години како поштукот му го немат. Да што бил црн, пусти к’смет мој, да останам уште млада вдојца.

Од тие зборои што му и рече Неда на Велета, беше го пуштил штркот Силјан, и си одлетал на куќа. Збивал, збивал, одвај душата си ја зел, од пусти страв што беше превидел од држењето на Велка.

По неколку дни му се смилило на Силјана да појди кај трлото да си ’и видит јагнињата, чунки тогај се јагнеле. Одејќи околу трло, го догледала кучката Лиса и му се пуштила молкома, та го ватила за опашка. Ако не беше ја свикал овчарот Смиле на кучка да го пушти Силјана, ќе го испердушела уште за малце.

– Погледај, кучкана една, ќе го испердушеше сиромашкиот штрк, што си е единак! – овчарот рекол. И тогај Силјан куртулисал од смрт.

По некоја недела ги спрегнал татко му Божин волојте и отишол на нива да орат. Си го зел и со себе внука си Велка да му тера волојте. Му се смилило на Силјана да појди и тој на нива за да гледа татка си како ќе орат. Тргнал една бразда, две Божин во нивата и Силјан застанал на долниот крај кај нивата да му се пули на браздите што ’и ора татко му. Гледајќи во браздите, видел кај мрдаат од земјата од црвените црвје.

„Ја чекај да си позобам троа црвје, и така ми се јадит“ – си рекол Силјан и си влегол во браздите да збират црви.

Оди по бразда, чини и збира Силјан црви и бидејќи многу чекореше, дошол близу зад татка си. Не знам како се сврте Велко назад, го видело штркот оти је близу до деда си и му свикало:

– Дедо, дедо, опули се зад тебе, ето го нашио штрк!

– Ако је, внучко, ако, терај ти волојте.

Поорале уште една бразда, пак Велко беше си опулил и, бидејќи дете, пак му свикало на деда си:

– Дедо, дедо, ете го штркот зад тебе, заврти се да го видиш.

– Море терај, бре внучко, волојте, не пули се по чавките, оти треба до ручек да ја изораме нивата.

Поораа уште малку и, бидејќи Силјан си одел по браздите сè близу, си ’и зобал црвјето, чунки му се сладило и му се чинеше оти татко му го милуа, без да му текна оти је штрк во тој саат. Треќи пат пак беше му рекол Велко на деда си:

– Дедо, дедо, види го штркот до тебе!

– Е доста со тој ѓаолцки штрк, бре внучко, се џари!

Тоа рече Божин и замавна со остено на штркот, та беше го удрил по десната нога и од силното удирање беше му ја скршил писката од десната нога. Од големата болештина Силјан летнал како некој стршен и отишол на куќа, та си застанал на левата нога да плачи лошата болештина од скршената нога. Не знам колку дни што боледувал дури му оздравела ногата.

Вечерта, како што си вечерале дома, му текнало на Велка за штркот, како одел по бразда и како го удрил дедо му со остенот.

– За греој, завали штрк – рекла Неда – што сте го тепале, доста му је самотијата што е вдоец како мене, па сте го тепале.

– Тепање, ем лошо тепање, су му сторил – рекол Божин – со остенот ногата су му ја скршил, ама сио кабает го имат Велко, што сеедно се џареше во него и не ми ’и тераше волојне арно. Откоа го удрив, го пожалив пусти штрк, ама се стори. Господ да ме прости, неарно сторив, ама пуста лутина чоечка је лоша, тики чоек колку да се чуа да не греши, пак ќе згреши.

Во тоа време Силјан си седеше до баџа и слушаше сето ова што зборуаа.

Бидејќи сестра му од Силјана била свршена, си седела во двор на ругузина и си низала едно ѓерданче од стари рупчиња. Во тоа време сите куќни луѓе биле по работа в поле, само Босилка била дома и како што си го низала ѓерданчето, го остајла на ругузина, та станала да види в куќи свињите нешто пакос да не сторат. На часот на Силјана му текнало та слегол во двор и го зел ѓерданчето и го качил на куќа та го скрил во сламата. По малку време излегла Босилка од куќа и си седна на ругузината. Кога го побара ѓерданчето, го немало; барала, барала и не го нашла, плакала и колнала едно чудо.

По некоја недела беше останала жената му на Силјана сама дома и си седела во двор на ругузина, та си везела една кошула со црна преѓа, како за вдојца; си везела и си плакала за к’сметот што го имала, дека без домаќин останала.

– Не ќе жалав толку, Боженце – си велела со жалосен глас – за Силјана мој, ако беше умрел овде, барем гробнината ќе му ја знаев и свеќа ќе му палев, ами како да не жалам и да не плачам коа в море можи да се удаи одејќи на тој пусти аџилак.

Силјан ’и слушал тие зборои од жената си и срцето му се корнеше од жал што му идеше; арно ама каноно, што бил даен од треќата вечер, требало да го тргат.

Станала Неда да си земи нешто од дома и Силјан слегол од куќа, та му зел клопчето што везела сосемати игла и го качил на куќа, та го скрил во сламата за ич да не се сеќаат. Кога дошла Неда кај ругузината, клопчето не си го нашла. Барала, чинела, колнела, не го нашла, не го нашла.

– Што се срдиш, мори ќерко, толку – је рекла свекрва је, чунки тогај си дошла од работа – што зијан ти се стори? Ја ај кажи ми да чуам јас да видам дали имаш прао што се срдиш?

Је кажала Неда оти клопчето је загинало, дури влегла дома и излегла, је го зел некој.

– Арно сторил тој што ти го зел клопчето, ќерко – је рекла – оти от узур ќе ми везиш црна кошула, сосила ќе ми се прајш ти вдовица; Силјан ни е на аџилак со дуовнико, а пак ти сосила сакаш да умрит и да не дојдит. Греота ет, а ќерко, ова ти што го прајш; моли Бога за Господ да ни го донесит, не туку плачиш и жалиш. Ете некни ѓерданчето на Босилка је загина; не е чоечка глава да, да чоек умират и никому ништо, а ќерко, а не ти оти едно клопче ти загинало и да плачиш!

По малку време се приготвила свадба да праат за Босилка, чунки одамна била свршена. При сè што неќеле да ја даваат без Силјана, арно ама откај зето не чекале и друго чаре не бидуало: или ќе му ја даеле или ќе ја остаеле; на зордо згора за да не ја расипат к’сметот, стрескале да му ја даат и друго ништо. Си каниле некоја куќа сватои кај Божина и чекаа во неделата да му дојдат сватојте со зетот за да ја земат Босилка.

Се задале сватојте од под село да идат: нункото напред со уруглицата в рака, по него зетот и сите сватои, свирејќи со гајдата и врлајќи пиштоли, дошле во Божиној дворој.

Застанал зетот пред врата и сите сватој на коњи, наметнати со белите јапанџаци, на глајте весој тунузи преврзани со бели чалми, опкачени сите со пиштоли жолтомедни, а на нозете сите со скорни црвени. Сите млади и зелени, да ти е мило да ’и гледаш. Гајдите свират, дури саѓите паѓаат од гредите. Сите млади коњарки беа дошле во дворот од Силјана за да гледаат радоста; сите се радуале и се веселеле; само Силјан штркот стоел на таткоа си куќа омаудрен со глаата вземи, од голема жал што му дошла, дека гледал од сестра си свадбата.

„Ах, проклет да е тој саат – си велел сам со себе Силјан – кога му грешив на мајка и на татка, та да ме втаса ваква клетва, за штрк да се сторам и на куќа да седам. Лели да си бев чоек сега и да си ’и пречекав сватојте и јас да се радуам и да се веселам, како сите што се на свадбава.“

Влегле сватојте дома да ручаат, а Силјаница си зела детето за рака и се качила на амбарче да плачи и да жали дека не је бил тука Силјан.

– Немој, мори мајко, не плачи за Силјана, и велел Велко, оти за Велигден ќе си дојде аџија.

Од тие зборои што ’и слушал Силјан штрко, голема жал му идела, што дури сакал да се сам убие или во бунаро да се удаи; арно ама душа је мила, пак се попишманил. Би свадба, доби, и времето беше приближило да си одат штркојте на својо виљает. Младите штрчиња ги учеле да летаат нависоко и аџијата беше распратил абери по сите страни да се чинат азар сите штркој за на свети Панделемон да тргнат за на виљает; му стори абер и на Силјана за и тој да се стори азар.

Во тие неколку дни Силјан го испрошетал сето поле Прилепцко и извидел секое долче и ритче. Си ги прошетал нивјето негои, си прошетал куќата и најпосле летнал и отишол дури на манастир на Богоројца на Трескаец, та застанал на кубето од црквата и многу је се молил на Богоројца за да му поможит да појди на штрков виљает и пак да си дојди и чоек да се сторит, та три години ќе служел на манастирот. Си летнал од манастирот и си ошол пак на село. На ден Панделемон си летнале со Аџи Кљак-кљак и со аџијцата, со децата нивни и си отидоа во штрков виљает здрави и живи, како што сакаше Господин Бог.

Целото лето тамошно што му работил на полцките работи на Аџиовците, и тие многу го честеле и гледале како свој чоек. Приближало времето пак за кај нас да идат штркојте и тогај веќе Силјан беше се сторил мукает, та беше нашол едно малечко црпче и си го наполнил со од чоечката вода и го врзал на гуша, кога дошол дено за да кинисаат за кај нас да идаат.

Како што првио пат што идоа, така и тогај беа си долетале на нашава земја. Поодиле внатре као кај нас и дошле до едно место од кај што започнуале да се делат штркојте по виљаетите. Во тоа место беше се направил еден бој и многу луѓе имало истепани и изостаени по планината, па поради мршите беа се собрале орли да јадат од мршите. Орлите биле тукуречи и тие на број колку штркојте. Близу до таа планина имало и едно поленце што било полно со скакулци од најголемите, – тамам за рана на штркојте. Слегле тука штркојте и се изнајале арно од скакулците. Ами лели му завидоа орлите оти да јадат штркојте скакулци, и од збор на збор се капаштисаа да се бијат едни со други. На кавгата згора се примешаа големците, ѓоа да смират некоја работа, да поеќе ја запалија работата (што ти велаат: Ѓаолот ни орат ни копат, само луѓе скаруат) и туку беше се поткачиле сите да се бијат, и да се тераат по таа пуста планина. Три дни и три ноќи што се биле и се тепале, крв до колена беше напрајле.

Силјан во бојот никако не зел дел, чунки аџијата го имал покрај себе и бидејќи бил гостин, не го внесол во џенгот. Силјан, дека го носел црпчето на гуша, многу му помогнало да се плашат орлите од него. Силјан беше нашол една пештера и тамо беше се засолнал дури се свршил џенгот. И така џенгот се свршил и штркоите наттепале, та си отвориле пат и си се упатиле за кај нас. Радосни штркојте си тргнале и се упатиле секој род и фамилија за својо виљает, а Силјан со Аџиовци си долетале во село Коњари здрави и живи.

Силјан дошол на амбарче и си го отнал црпчето, та си се потурил и ете ти го чоек, како што си бил дома у себе си при татко и мајка, при жена и дете. Слегол од амбарчето Силјан долу и тргнал за дома да си влези, чунки рано било и малку времето расипано со дожд и лапајца, била уште баба Марта, та домашните си седеле крај огон и си се греале. Кучката Лиса лежела на врата и веднаш не го познала Силјана, та го слајала: „хам, хам, хам“.

– Лисо мори, на мене лајш? – је рекол.

– Ду! Мајко, Силјан по трем прогоори! – свикала Неда на мајка му од Силјана.

Рипнале сите просто и на врата в куќи го пречекале, сите плачејќи го избакнале и здраво и живо сториле, а Силјан му бакна на татка си и на мајка си десница и проштење му сака за клетвата што го втаса.

Брго, брго мајка му клала ѓумчето со ракија до огнот да се стопли, а Неда донесла големио стол, та го клала да седи Силјана; му собула опинците и му измила нозете и го променила со велигденцката руба. Станал од спиење Велко и си го грабна Силјан в раце, та си го измилуал и слатко си го целивал.

Се расчу низ село оти Силјан Божиноски си дошол од аџилак. Секому радос му дошло оти Аџи Силјан си дошол и отрчал да го види и добре дојде да му речи. Се исполнила куќата од селани, поеќе стари, и секој му велел:

– Добре дошол, Аџи Силјане, добре дошол, Аџи Силјане!

– Море, не велете ми аџија, бре селани – им рекол Силјан – оти не би к’смет да одам на аџилак, чунки дуовникот што ме зеде да ме носи – се удаи в море. Остајте, браќа не ја за кажуање, и за веруање тоа што сум видел и што сум патил во овие две-три години, ама ак ми беше тоа што сум патил, оти од татко и мајкина клетва не сум веруал. Вие, вие, како сте, браќа, како поминуате во селово?

– Море ние, Силјане, сполај Богу, си поминуаме, туку ти, ти како помина по туѓина, кажи ни некој унериј, елбете тоа што си видел ти, ние не сме виделе – му рекле селаните.

– Ами како се удаи сиромашкио дуовник в море, бре чедо? – му рекол татко му.

– Ете како: откоа влеговме в гемија во град Солун, кога не забра еден силен ветар, та коа ја спотераа талазите гемијата, една недела што ја носи силно морето и на неделата кога ја удри од едни спили, парче по парче се стори и, за к’сметот, мој ме исврли на една штица морето на суо. Тамо најдов еден извор и дрвја со јемиш, та си појадов и тамо ноќта прележав. Утрото тргнав за повнатре да одам. Одејќи си најдов едночудо јаготки и со нив проживеав. Цел ден што патуав и на пладне втасав во едно поле и ево ти двајца луѓе маж и жена кај си косеа една ливада. Арно ама луѓето беа бамбашка: не беа како нас асли; тие беа во нозете долги и во носојте вудве од нашиве носои. Ами лели едно ме видоа и на име ми рекоа и ме однесоа дома, та ме нагостија и многу ме честија.

– Море, ами од кај те познаваа, бре Силјане, што те честија?

– Тие луѓе сет штркојте наши што ни идат овде, браќа – им рекол. – Тамо во градот кај што бев, имат два извора: во еднио да се искапиш, ќе се сториш штрк, а во другио да се искапиш, да се сториш чоек. Како било и што било што се праат тамошните луѓе, штркои, другаш ќе ви кажам, браќа – му рекол Силјан – сега згора-згора ви кажуам оти и јас се сторив штрк на двапати и едно цело лето сум ви седел овде на нашава куќа и сум патил триста маки; арно ама не веруам да ми веруате оти сум бил штрк.

– Море ами кој е тој будала што ќе те веруа, бре Силјане – му рекле селаните – оти си бил штрк!

– Море браќа бре, ами Силјан ет шетан чоек – му рекол некој стареа – тики видел земја секаква, ти видел морето, тики со секакви луѓе се кунуштисал, да од тоа Силјан се научил ваквие приказни и сторенија да ни кажуат.

– Ба, братко, колку за тоа така си е – му рекле друзите на стареата – нека је жив Силјан, многу итроштиње научил дури шетал по туѓи земји, за да тоа ќе знајт и приказни што чул да ни кажи и да нè чуди.

– Море не ви кажуам, бре браќа, приказни – му рекол Силјан – ами ви кажуам вистинско сторење и патуање мое! И преѓе ви кажав и сега ви кажуам оти штрк бев и во штркоа земја бев, две лета тамошни сум работил полцката работа во куќата од штркојте наши што сет на нашава куќа. Јас знам оти чудно ви е ова што ви кажуам, ама не је чаре да ве излажам, чунки најпосле испат ќе ви го сторам, и ќе ве уверуам. Јас што дојдов овде штрк, не оти сакав да бидам штрк, ами клетвата од татка и од мајка ме вати што не и слушав како врапчињата: Сиве и Чуле.

– Море колку за нив знајме оти се сторија од брат и сестра две пилиња – му рекле сите – туку тој век друг бил, коа шетал Господ поземи и светците, да слушале луѓето што зборуале, пак сегашнио век поеќе ѓаолот шетат по земјава, да од тоа тебе не те веруаме да си бил штрк.

Откоа видел Силјан оти не веруаат, почнал да му кажуат што му праел на татка си, како го поучуал татко му и тој не слушал, како се главил со дуовникот, како влегол во морето, како се нашол на долна земја, како праел муабет првата вечер у Аџи Кљак-кљак, како му прикажуал за старецот што го отепале децата и колнал, како излегле двата извора, откоа му изумреле сите деца од големата сипаница, како се сторил штрк и си врзал шише на гуша и како патуал од штрковата земја преку широкото море, како дошол над Плетвар и го окршил шишето, та си останал штрк и си дошол дома.

Силјан на селаните и видел оти ним му било како приказна, почнал да му кажуат што патил дома дури бил штрк и што видол и што сторил.

– А бре татко и ти мајко, што не ме веруате оти бев штрк и ви седев на куќава на другиот крај? Имаше летоово еден, штрк, али немаше?

– Е, имаше, бре синко, туку штодека имаше?

 – Ете јас бев, татко, тој штрк што си седев на куќа; мајко мори, и ти, Недо, знајте, кога и молзевте кравите и ме удри Велко со стапчето, оти си ’и милуав телињата? Лели јас тогај се ошумоглавив и Велко ме вати, та одвај ме пушти?

– Боже, зер си глеал од некаде, ја ти кажал некој, море синко Силјане? – му рекла мајка му.

– Арно, за тоа ми кажал, ами за Лиса, што ќе ме испердушеше, ако не беше Смиле овчарот да ме одбранит?

Се сврте откај овчарот и му рече:

– Не беше вака, бре, Смиле?

– Така беше, така, Силјане, вистина штркот што беше сам летоска на куќава, ќе го испердушеше Лиса.

– Па некој ти ’и кажуал овие работи – му рекол татко му – во градот што ни ги гаткаш.

– Е, лели и ова не ми го веруаш, бре татко, ами коа беше ти на орање во големата нива, лели ти ’и тераше Велко волојте и јас си зобав црви во браздите изорани? Ами лели Велко ти рече два три пата: „Дедо, дедо, нашио штрк ете го зад тебе!“ и ти на треќио пат ме удри со остенот и ми ја окрши писката од ногата, та едночудо време боледував, одвај дури оздравев. И вечерта ме пожалавте кога Велко ви кажуаше. Не беше вака, татко?

– Море вистина така беше, бре синко Силјане, туку ова ти е кажано од некого, ја на сон ти се сонило, а инаку не веруам да било!

– Ами за Сивета и Чулета како веруаш, бре татко, да за мене да не веруаш? – му рекол Силјан и си го собул објалото од десната нога, та му ја покажал ногата кај што му била заварена.

– Ја види ’а, бре татко, ногата кај што ми ја окрши и ми се завари.

Кога му ја виде Божин ногата, на чудо беше станал тој и сите селани; арно ама пак неќеле да го поверуваат оти бил штрк.

– Кој знае, бре синко, според нишаниве што ни ’и кажуваш, вистина као да си бил штрк – му рекол татко му.

– Вистина, татко, и вие, браќа селани – им рекол Силјан – ем за приказна ет мојава работа, што бев дури во долна земја или штркоа земја, кај што чоек досега не пошол и не ќе појдит, и да ме веруате оти не је чаре да ве лажам јас, чунки не ќе ви земам нешто да си клаам в ќесе за да не поверуате за здраво. Еве друго што ќе ви кажам: сестра ми Босилка седеше еден ден во двор на ругузина и си шиеше едно ѓерданче и од ругузината му загина. По неколку дни невестата ми Неда седеше и таа во двор на ругузина и си везеше вдојчинцка црна кошула, преденото со сета игла везарка ја загина. Не беше вака ти, мајко, и ти, Недо, моја домаќинко?

 – Така беше, бре синко – за тоа му рекле – туку кој беше тој чоек што ’и зеде?

 – Ете јас бев, мајко, што ’и зедов – је рекол – ја качи се, бре Смиле, на куќа, кај што стоев јас, побарај во сламата, ќе ’и најдиш, земи ’и вамо да ’и видат за да поверуаат.

Се качил Смиле и ’и нашол и ’и донесол пред сите селани да ’и видат и да поверуаат. Кога ’и видоа домашните, на големо чудо беше станале.

– Сполај ти, Господи, сполај ти, што не било да биди, чоек штрк да биди!

Сите беа рекле и поверуале, та за тоа до ден-денеска се прикажуат за штркојте оти сет луѓе.

– Ете вака, синко Марко, се сторило со Силјана од Мало Коњари! Знам оти тебе ти е као лага; арно ама мене ми е навистина, оти од татка ми е прикажана оваа приказна – вака ми рече татко ми кога ми ’а прикажа сопрво.

 

Извор:

„Силјан Штркот“ од Марко Цепенков (Либи, дел од Арс Ламина – публикации, 2019)

 

Песната „Гарван“ од Рајко Жинзифов

Песната „Гарван“ од Рајко Жинзифов

Близината со народната поезија, Жинзифов ја покажува и во песната „Гарван“, испеана во осмерци и шестерци, во која гавранот е симбол на проклетството и навестувањето на несреќа, како и во народната поезија. Според некои автори, со оваа песна Жинзифов е препознаен како предвесник на симболизмот во македонската поезија.

 

Линк до песната: Гарван на wikisource.org

Расказот „Прошедба“ од Рајко Жинзифов

Расказот „Прошедба“ од Рајко Жинзифов

Расказот „Прошедба“ е прв расказ во македонската литература, а воедно е и единствен белетристички текст на Рајко Жинзифов. Објавен во 1862 година („Братски труд“, Москва, кн. 2), овој расказ отвора нова страница во прозата на македонскиот 19 век и е показ дека Жинзифов правел обиди за пишување проза.

 

ПРОШЕДБА
(расказ)

„Зол трн, зла копачка.“
– народна пословоца –
(Посвјаштавам Д. Миладинову)

Как етдраго, како ет мило
все, што б’лгарско, народно,
а што грчко, пусто било,
недостојно и противно.

 

Беше гл’бока зора. Гледаше небото, ток болеит, ток чрнеит; покриено оно е чрна мрежа, којато вече малку по малку, но неусетно чрниј’т си цвет (боја) пременуваше не бел. Распрснатите звезди вече беха хванале да сја гасат; едни од них вече совсем беха сја скрили, а други оште сјаеха е својата си слаба светлина, божем не штеха да се поклонат на сл’нцето, което токушто беше обрнало пâтјат си кон нашата страна. Всегде тихо; ништо не сја слушат освен кое-кâде и това негде далеко, одвај сја чует псешки лај; та оште тихиј и т’нкиј ветер дишаше младите оште листја на разцветаните дрвја и като прохождаше чрез них, пропушташе таков запах, когото толку усештахме, но имја за него не нахождахме. Не помина много времја, и ево славејт сја разбуди од слаткијт си сон. Штасливата оваја птичка е својата слаткогласна пеења даде ни да познаеме, че скоро утро, че скоро сл’нцето ште бл’снит; слушајќи пеењата на славејт, човек, и без да ште, ќе речит, че она благодарит бога. Полната јасна месечина припкаше по широкото небо, което вече беше хванало да засиневат, да сја облекуват в бела мрежа... Бл’сна златното сл’нце, пусна си први лучи; разбудиха сја и всички други птички, пропуснаха си свои гласове. Пучите на сл’нцето претставиха на нашите очи широко, равно поле, зелено, оно шарено, и как зелено, как шарено! Чудно нешто свет’т! Овде попадика, тамо темјанушка, онамо пеперуга, потамо детелина; ево и нивите, покриени с всјакакви жита, од които повисока беше ржта, којато с своите класове, наведени надолу, весело си растеше и сја гордееше, че она беше предварила другите жита. Сос таква една тишина, по таква една ширина, м’лчејќи п’тувахме ја и мојт пријател Здраве. Ходехме, ходехме, но все м’лчехме, но понекогаш сја погледнувахме и пак ништо. Зачу сја кротко шумење; после неколку чекори и пред очите ни јави сја малка речица, но скоротечлива; с своја мирна брзост речицата сја валкаше по малките камчиња, от които едни беха бели, други чрни, а трети шарени, като с злато посипани; едни совсем мазни, други вајгалести, трети совсем кр’гли. Лучите на сл’нцето, като прохождаха чрез бистрата вода, показваха ни дното на речицата. Тук, при таја речица, без да штеме, обоицата застанахме. Здраве си засука р’кавите, показа си два крепки лакти, сја приблизи до брег’т, изми си лицето, нозите, набра си неколку камчиња кр’гли и дојде до мене, којто држех в р’ката си френска сигара и димex.
– Зашто ти сет, Здраве, камчињата?
– Как зашто? А малката ми сестра Цвета љубит да играт петкамен, ќе ù ги однесам, нека сја порадуват. Дај и ја да подимам малку.
Ја дадох му друга сигара; он ја запали и седнахме на мегка детелина. После неколку си минути, че ми сја искаше да брборам, обрах сја кон него:
– К’де ходиме, Здраве?
– Как к’де? Заборави? В село, в Врбјани. Опули сја направо; ено гледаш редам три села, средното ет наше... Скоро час’т девет, нека појдиме поскоро, а там ќе сја починиме, ќе си покасниме баница, млеко пресно, кисело, пресипка, матеница, и што ни сја поискат.
Ведножд станахме, тргнахме и полека-полека достигнахме в село. Беше десетиј час, кога ми влегохме в к’штата на старејата Стојана. Дома никого не најдохме, толку две малки дечиња, едното петгодишно другото тригодишно, които држеше ги на скут’т си друго, поголемо момче, десетгодишно.
– Петкано мори – рече Здраве, к’де сет, мори, мама ти, тејко ти?
– В црква, баче Здраве, в црква сет всичко село. Денеска ет Духов ден. Толку мене оставиха да вардам Божина и Цветка – одговори момичето с жалостен глас, че него не зедоха в црква.
Кој не знаит б’лгарските цркви по селата? Четири голи зидове без покрив; олтар’т разделен сос американско платно; две-три стари икони; ево ви сичка црква. И ако не всите села, то наверно повечето од них, ако и да имат црква, они не сја различават од В... коњушница; и много села совершавјат божественото богослужение под откриеното небо... Кутрата сирота Б’лгарија! Дали царјат не дават ферман да сја стројат цркви, или твоите жедни фанариоти с среброто и с златото, които давајат твоите бедни синове, покривајат своите кољаски и нарѓилета?
Кога ми влегохме, поп’т вече с свјаштената чаша в р’ци произносеше „Мета фову Теу“, а син му, момче около шеснајсет години, прочита „Идомен то фос то алитинон“... После неколку си минути поп’т кончи; народ’т излезе вонка, жените сја распрснаха по гробиштата. Најпосле излегохме и ми. Раздадоха сја жалостни гласове; тук мајка оплакуват сина си, когото убил Турчин ; там млада невеста т’жит м’жа си, којто изгинал в владиковата темница, че не можел да доплатит двете хилљади гроша за венчаването му... Ево сја јави с каделницата в р’ка и од гроб на гроб преидуваше и четеше молитва за душите на мртвите. Поп’т обикновено зимаше в р’ка чаша с вино и като произнесеше неколку си п’ти „Кири леисон“ и „Анапавсон тон долон су Петко“, поливаше гроб’т с вино и като земеше грош или пас’мце свила (коприна),  или везена крпа, прескокваше на друг гроб. После неколко времја сја приблизи до един гроб, когото беха опколили една стара баба и три нејни снахи. Като видеха кога поп’т начна да мрморит обикновените грцки слова, бабата пресекна му славата.
– Не така, отче, не така – рече бабата.
– Ами како? – одговори поп’т.
– Инако, отче попе, инако. Тука давна бех на пазар в град. Беше доцна и ја станах да ноштувам в град. На другијат ден беше недеља и отидох в црква. Тамо градските попове инако читаха. Они не велеха „Ети кети“ и „Кири леисон“. Инако, отче попе, инако. Там ја чух „Паки и паки... Господи, помилуј“... Ја бех и натамошните гробишта; поп’т инако пееше, не как ти, отче попе.
Поп’т, чист Б’лгарин, като не знаеше да читат по б’лгарски, остана как закован... Промрмори нештичко по грцки, но гласно произнесе „Свјатиј боже... Господи помилуј“... и „Бог да го простит“. Тија неколку си слова б’лгарски успокоиха старичката, којато бакна му р’ка и даде му едно петаче.
Поп’т хврли на земља петачето.
– Грош, бабо, грош...
– Отче попе! Жив ми бог, нема повече – проговори старата.
– Грош, грош! Или сега ќе отпејам!
– Отче попе! Жива ми Ристана, немам – одговори с с’лзи в очите старичката и погледна жалосно на една от снахите си, којато велеха Ристана.
– Не, ќе отпејам. „Не свјатиј боже, не свјатиј крепкиј, не свјатиј бесмертниј, не помилуј нас... Не бог да го простит...“
Пиена старата, плачит сирота, писнаха снахите, паднаха на колена, мољат поп’т:
– О, за бога! Попе, не отпевај; дома има една ока изварка и десет јајца, дојди, земи, чи толку не отпевај...
– Ех, бабо – рече поп’т – гледат господ, че ет грехота; гледат и твојата сиромаштија, но гледат и мојата. Бог да ет на помош и тебе, и мене; двесте гроша, бабо, требат за владиката. А ја сиромах, к’де да ги најдам? Кому прво, кому најпосле? Мене ли, којто имам шест дечиња, или нему?
– Ох, ох! Отче попе, тешки времиња, тешки пустите. Нахрани агата, нахрани владиката, а ти? Ти гладувај. Не така било в старо времја, не така било при краља Марка. В наше село беха седумдесет цркви, а сега нема ни една. Владиката живејал с малку, колку да сја хранит... Тешки времиња, отче попе, тешки пустите! – заплака старата, заплака и поп’т.
Поп’т сврши си својата работа. На широкото зелено поле, близу до гробиштата, распослаха д’лги тканници (пешкире), на които накладоха бљудците (бљудо с варена пченица) и земнени каленици с јастија. Начна сја раздаването за душа. Там ќе видеше и мјасо, и цреши, и круши, и млеко, и сирене, и много други нешта. Букарите с љутица (ракија) и картите с вино врвеха од р’ка в р’ка по редом, като захвашташе најпрвен поп’т; една раздават на другите цреши, че син’т ù љубеше в живот’т си црешите, а друга кришу; трета пак раздават малки бардиња, в знак че умренијт бил малко дете... После неколко времја сја сврши и тој обичај. Поп’т беше наполнил две вреќи с поскури, погачи, пченица, с едно слово с всичко, което раздаваха тој ден на гробишта; натовари магарето си, зеде стап’т си и тргна си сина си за в град. Не помина много времја, и народот разотиде си в село; останаха толку тука-тамо некои си стари бабички да поплачат синовете си и керките си... Најпосле и ми оставихме гробиштата и тргнахме право в село.
Когато ми влегохме в к’штата на старејата Стојана, најдохме всичко домакинство (семејство) в к’шти. Домакинство не мало и не големо, а около триесет души: старец с бабата, осум синове, шест снахи, а другите – внуци и внуки. О, боже! Как мило, та как весело да гледаш на такво домакинство! Токушто ми влегохме, и цел табор најде сја на нази.
– Добро утро, дедо Стојане! За многу години! – рекохме ми.
– Дал ви бог добро, синко!
– Дал бог добро, баче Здраве! – сја раздадоха гласове. Повелите! Повелите (заповедајте) овде, овде.
– Маро мори, скоро две перници – викнаха неколку гласове.
Тој час донесоха две перници в’лнени, ткаени дома и нап’лнени с слама; свиха ги надве, че ми бехме облечени по последната мода, т. е. по френски: в бели панталони, бел сјуртук, бел копринен вратник, ниско фесче меџидие, накитени, напомадени... Кога ми седнахме, малките дечиња хванаха да сја смејат, че нас тесните панталони не пуштаха да седнеме свободно, а едно од них, биди сја че беше поостроумно, викна:
– Штрк! Штрк! – и сја раздаде гром’к смех между дечињата.
– Ах, ти, песиј сину! – извика старец’т. – Хватете го мори.
Детето побегна вонка. По него и другите дечиња. Ми усмирихме старец’т да не сја срдит, че детето стори това, което треба како дете.
Кому неизвестно с каква радост, с какво простодушие нашиј сељанец дочекува гостите си? Кому неизвестно селското б’лгарско гостоприемство? Ведножд стави сја честна трпеза; неколку си малки земнени ваганчиња (паници) с сухо грозде и с домашно сукано благо, неколку си паници с кисело млеко, други с пресно сирене, два-три букара с превареница (ракија) стоеха пред нас. Старец’т како што ет обичај, зеде букар’т, сја прекрсти и начна да благословуват:
– Господи Исусе Христе! Пречиста Богородице! Свјатиј Никола и вси свјатци да сет на помошт! И денешна свјата Троица да ет на помошт! Бог да дадит што ни срце сакат! Да сја родит жито и вино! Колку зрна, толку осмаци! Колку гроздове, толку бачки! Бог да простит и мртви души! А вам, млади – хубави невести! А вам, моми – хубави момчиња! Мир и милост на всите! Здрави били!
– Наздравје, дедо Стојане! – рекохме ми. 
И старец’т крена букар’т, когато донесе до полу. После старец’т с’штото повторихме и ми; повториха и синовете, с едно слово всите. Ставиха и јастијата; погача од чисто брашно, испечена в подница, цело печено јагне, цело печено прасе, една баница, од којато маста капеше. Ево каква беше селската наша гозба!...
Во времјато на ручек’т сја отвори разговор за многу нешта. Споминахме најпрвен нивите, наумихме и за лозјата, овците; како в сегашно времја всичко оск’пјало, како нема правос’дие ни при агата, ни при владиката...
– Тешки времиња, синко, тешки пустите! Бог да ни ет на помошт!
– А зашто тешки, дедо Стојане? Не так ли живејали в старо времја? – рече Здраве.
– А зашто ти ет старо времја, синко! Ти попитај како живеиме сега, а старо времја вече старо, вече поминало; а што поминуват, не сја враштат. Опулете сја ево онде – и старец’т показа с палец’т – гледате ли тија развалини? Тија, вељат, сет Маркови кули: там и Маркови цркви, там и Маркова житница, Маркова бања и разбој на Марковица... Так, синко, вие не верувате; вам ви сја чинат, че това ет приказка; а мене не, е мене казвал ет дедо ми, а на деда ми – дедо му... Е, синко, това ет истина. И толку Марко ли бил! Не, синковци, не! В старо времја били и Дојчин – в Солун оште костите му висат на „Демиркапија“, и – Јанкула војвода, и Мино Костурче, и Дете Дукадинче...
Старец’т тука заплака, с’лзите, јадри като дренки, капеха из очите му и сја валкаха по лицето му, а други застануваха на сивата брада.
– Тешки времиња, синко, тешки пустите! Е, синко, помнам как раскажуваше дедо ми, бог да го простит, че у нас било царство, че царствувал... Ех, обелеха ми космите, ништо не помнам. Помниш ли ти мори, Грозде?... Не, не, текна ми... Дедо раскажуваше, че царствувал Симеон, та Шишман, а крал Марко бил Шишманов зет, та Страшимир и други, многу; не запомних на всичките имената им. Патрик’т не седел в Стамбол, като сега, но недалеко од нас, в Охрид; че инакви били тогашните владици и попове, не като сегашните, които јахајат на кон и пијат нарѓиле... Че в црква сја пејало по старо и не като сега „Кири леисон“ и „Ети кети“... Инако, синко, читали, инако, по старински; не знам како по старински; помнам толку, че кога дедо ми беше жив, имаше цели вреќи с стари книги, писани на зајачки кожи. Кога умираше, нар’ча ни да ги однесеме в манастир, в когото имало много други книги като нашите... Ја оломлани однесох ги; беше собор, сја згоди тамо сегашниј владика. Он попита игумен’т има ли нешто старо в монастир’т. Игумен’т каза, е имало книги, които сја валкајат по таваните. Заповеда владиката, с’браха всички книги. Ох, синко, направиха цело купиште; 
ката сега помнам, имаше две коли да кренеш. „Огин – рече владиката – огин! Тија сет еврејски и френски книги“... Изгореха ги, синко, като слама... А сега само помислите какво времја достигнало.
Тука старец’т пресекна си речта, че беше му зас’хнало грлото, но като го натопи с превареницата, пак начна так:
– Гледате ли? Бог даде ми шестмина синове; времија дојде, ожени ги, добих си шест снахи: Грозда, Цвета, Петкана, Ѓурѓа, Велика и Ружа; а знаете ли колку сет ск’пи мене они? Ск’пи многу ск’пи. Колку влакна на главата им, толку грошове с’м дал. Е, синковци, у мене беха цело стадо овци, цело стадо крави; а камо ги? Летнаха, продадох ги, за да оженам синовете си. За венчаване по хиљада, та на ѓакот стотник, на питроп’т му двесте, на градскијт стареја петдесет; кому двесте, кому триста, кому и петстотини... Сја згади една од них да ет бегалка; побегна она за сина ми. Ноште беше, кога обата, син ми и снахата ми, сја јавиха у мене. „Татко, велит, најдох си жена, не биди љут, венчај нас. Ја неја милувам (обичам), а ако не, ќе побегнам, к’де очи ми гледајат“. „Татче, велит момата, ја ќе ти бидам снаха. Терај ме, биј ме, убиј ме, од прагот вонка не излегувам“. Бог да ет на добро, казвам ја, да подумаме синко“. „Не, нема думане, велит син ми, сутра право в град, право у владиката, давај што ќе даваш, венчај нас“... Станах, синковци, утром рано, натоварих магарето с четири гуски и едно прасе и право в град. В град купих две оки тутун, две оки кафе, и право при владиката. Влегох при него, паднах на земља, поклоних сја и целивах му р’ка.
– Благословите! – вељам ја и наредих му даровете.
– А чорбаџи Стојан – велит он, хош гелдин, не вар, не јок?
– Ништо. При вашите молитви всичко здраво, живо, всичко харно. Така и така, в к’штата ми бегалка; искат да сја м’жит за сина ми; каков ќе бидит вашиј благослов?
Он, синковци, плесна си р’цете и влезе питроп’т му, комуто рече:
– Папа Коста, сор шуну не дејур, не истејур?
Ја расказах му сичката работа, а он на владиката. Пом’лкнаха они, подумаха, поговорика помежду си не по турски и не по нашки.
– Слушај – рече му поп Костадин – слушај, Стојане. Владиката велит да донесиш и момчето, и момата, да видит искат ли сја они; че инако не дават закон, и тогај ќе дадит благослов. Ходи со здравје сега, Стојане, а утре дојдете с момата и с момчето.
Нак’со, синко, на другиј ден пак се јавихме при владиката. „Искаш ли мори да са м’жиш за него?“ „Искам“ велит момата. „Не насила ли те зеде, не те ли измамил?“ „Не, отче, бог ми душа, ја сама побегнах по него.“ Тогај, синковци, враг ги знаит како направиха. Донесоха един селанец од моминото село, којто каза, че син ми насила измамил момата.
– А? Ѓордун ми не турлу иш имиш? Олмаз! – нахмури си веждите, а на питроп’т му проговори нешто не по нашински, не по турски.
– Не биват, Стојане, не биват – рече ми поп Костадин – закон не дават, че закон искат мир и милост, а не сила.
– Еј, синко – тогај рекох на сина ми – гледаш ли, че не дават закон?
– Как не дават закон, кога закон искат мир и милост, ами сја милуваме; ево момата, нека ја питајат. Бог и душа, Ружо, кажи право, милуваш ли мја?
– Ја ако не го милувах, отче попе – рече момата – не бегах по него; сја турчам, ама не го оставам.
– Давај што ќе даваш, татко, назад не оставај – рече син ми.
Пулит сја владиката, пулит сја питроп’т му.
– Беш бин грош; башка турлу олмаз; истемесе вурун шу динсизи бранг – да.
– Тогај поп Костадин обрна сја кон мене:
Не биват, дедо Стојане, не биват, закон не дава, но со негов благослов всичко биват. Пет хиљади гроша и все ќе бидит.
– Ск’п му ет благословот, отче попе, да му имаме молитвата. Гледат господ, отче попе, грехота ет. Сиромаси људе, сељани, дека ќе најдам толку сребро. Владиката зимат шестнајсе за прва свадба, триесет и два за втора, педесет за трета. А за мојата, че ет бегалка нека земит сто.
– Бир к’рм’зи ахче ашаја олмаз. Беш бин башка турлу олмаз. Дишари шу кал’н кафали булгар.
И треси сја брадата му, треси сја като пр’чка.
Излегохме вонка. Думахме, синковци, мислихме, пустихме, штурихме; плачит момата, плачит и син ми.
– А што, татко – рече син ми – или давај што ќе даваш, или ај да си појдиме, ќе живејме и невенчани.
– Залуден ли си, синко? Ни татко ти, ни дедо ти, ни прадедо ти не имале жени невенчани, к’де сја чуло, разбрало мом’к невенчан да бидит... К’де сја чуло, разбрало пет хиљади гроша за венец?...
– А што ви по пустина говорите – рече поп Костадин; – или пуштете момата, или пет хилјади, или ќе изгинете в железа, като пси, ако ожениш сина ти без венчаване.
Старецт не штеше да расказуват, но молбите мои и Здравеви го натераха да досвршит.
– Дајте од љутата, грлото ми сја исуши. Да би змија љутица! – и не договори. Дадохме му превареница и пак почна да расказуват так:
– Мислех, мислех, чеда мои, па сја домислих. Нема што да сја чинит, вељам сам себеси; нагоре високо, надоле гл’боко, надесно планина, налево река. Гледам невестата и момчето, плачат кутрите, плачат, дори хл’цкајат. Од жалости т’га падна ми на душата ми. Ех, рекох си, летнаха овците. Мили овците, помило и чедото. „А што, вељам сину, да продадиме овците?“ „Како знаиш, татче, така направи, твоја стока сет, а ја момата не оставам и ќе хватам к’де очи гледајат.“ Тогај обрнах сја на питроп’т: Отче попе, вељам, не биват ли подолу?“ „Не, велит, никак!“ „Отче попе, хиљада!“ И не погледнуват. „Отче попе, две хиљади.“ Сја насмехна. Но пак нахмури си лицето и наљутено ми сја опули и проговори че многу слова говорат на воденица, а овде едно, та к’со – пет хиљади. О, как беше тешко на душата ми! Подумах – да... И после нека ет жива планината, нека ет здрава шумата. Но нешто ми шепотеше: „Зима ет силна, шума нема“... Господи, прости ме!... Ех, чеда, много ви додевам со моето брборене... А треба да ви докажам; простете ми, че ќе ви докажам, кое како, надве-натри. Гледате ли? Брадата ми сосвем обелела. А од што?... Имаме бога!... Најпосле, чеда мои, паднах на колена, целивах му полата. „За имја божио, отче попе, сврши ми работа; ево три хиљади; повече, жив господ, нема; што ќе чинам, тако било речено, земи, отче попе, три хиљади.“ Тук питрот’т сја насмехна и влезе при владиката. Пљунка не сја изсуши и викнаха нас при него. Биват, не биват, закон не дават, но закон е негов благослов сја пременуват. „Нека сет благословени младоженците“ – рече владиката. Така, синко, с триста сили, с триста м’ки ожених последнијт син. Помнете го мори? А! Молчите, а сто овци и пет крави дал с’м за вас!... Ова ет цвете спроти това, кое с’м претрпел на овој бел свет... Ех, бог нека проштеват!... Така било писано да трпиме на наши грехове!
– Трпение-спасение, дедо Стојане! – рече Здраве.
– Така, така, „трпение-спасение“ а кожата на греди.
– Здравје, дедо Стојане, здравје!
– А голо здравје – готова треска, чеда... Стига ви брборех; од моето брборење глава ќе ви заболит – рече старец’т и зам’лкна.
Д’лго беше после това нашето м’лчење; никој ни слово не проговори повече; на всичките устите беха затворени; на всичките главите беха наведени; на всичките очите гледаха пред себеси на земља; ни еднему клепки не мрдаха. Загина таја прежна руменост од образите им; лицето им ни бело, ни ж’лто. Видна беше срдечна жалост; видна беше од душа т’га. Когато срцето страдат искат да сја ослободит од това страдане, трсит нешто похарно, послободно. Но когато срцето не знаит или не можит да достигнит това което трсит, тогај толку с’лзите сет нему утешба. И ево из очите на всјакого скокнаха с’лзи. Јадри, јадри они, како дренки, жешки жешки они, како врела вода; испариха сја едни, скокнаха други. А душа м’лчит та м’лчит, никакво роптуване. Милиј боже! Што усештаха тија души?... Много, много усештаха, но не можеха да раскажат, че они беха неми. Онемеха, онемеха кутрите; напред здрави, силни, а сега болни и слаби. А кој ги онеми, кој ги ослаби?
При такво м’лчаливо душевно скрбене ведножд сја расчу висок глас от песња:

Сја похвали ж’лта дуња во градината:
„Ах, като мене, спроти мене нигде немате“.
Пак ја дочу јаболкница во градината:
„Што сја хвалиш ж’лта дуња кошоглавицо,
като мене, спроти мене нигде немате“.
Пак ја дочу крива лоза во градината:
„Што сја хвалиш, јаболкница,
ти шупливицо...“

– Идете, идете чеда, повеселете сја малку; ви сте оште млади и оставете деда ви да поспиет.
Послушахме ми старец’т; излегохме вонка на гумно. Гумното рамно, чисто, изметено. Там беше сја собрало всичко село: там и стари и млади, и м’жи и жени, и невести и девојки. Там ќе видете девојки од десет години и нагоре, т. е. и петнајсетгодишни, и двајсетгодишни, имаше и двајсет и пет годишни. Можит да сја покажит чудно, че момата остануват нем’жена до двајсет и пет години. Не знам како по другите земли, но в Долна Б’лгарија, најповече в б’лгарските села, ќе видите многу девојки, които останувајат целом’дрени до двајесет и пет години и повече. Вегвам в селата, а не в градовете, че в градовете сја појави друга поразија; че чистотата на нравите, простотата, простодушието. Качестза с които сја отличават Б’лгарките, народните дрехи вече начнаха да сја проштавајат с градовете. Кој ќе ми речит, че в големите градове б’лгарски, на пример в Солун, Битоља, Филибе, Едрене и други градове, че ќе сретите жена или девојка облечена с д’лга домашна кошуља (риза) с околијата, гр’дник’т и р’кавете шарени? С бела саја, с космите на главата наплетени на неколку си ситни плетенки? Наистина, ќе сретиме жени, облечени с народни дрехи. Но тие сет сељанки, преселени в град’т пред некој си месец, а след неколку си месеци, та многу – многу след една година, кутрата сељанка сја сторила гражданка. Досега в градовете б’лгарското јуношество беше погоразено од грциз’м; в устата му грмеше „кали мера“ и „кали спера“. Но сега сја појави друга поразија, ако не потешка, но не и полегка. Наместо тесни од шајак бечви сја појавиха панталони, сјуртук, палто, фрако; наместо с ај а сја јави френска дреха, кринолино, капелино и други изм’друванија на просвештената Европа. Одвај оживе „Добро утро“ и „Дал бог добро“ и ќе го задавит „Бон жур“ и „Коман ву порте ву“.

Деветнајсетиј век! Какво чудно времја,
одвај гинит едно, стигхват друго бремја.
И у наша мила Б’лгарија
стигна европска поразија.
В градовете, а не во селата.
че там владат оште простота.
Веч умејат и наши Б’лгарки
да сја облекват чисто како Френки.
Често идат масла и помади
за космите и всјакакви моди.
Б’лгарките вече немат м’ка
да сја хваштат за десната р’ка
и сос стари, повече сос млади,
само по френски облечен да биди.
В градовете милите Б’лгарки
сја премениха в чисти европејки.
С чудесните им т’нки половинки
тегљат чудно палки и мазурки.
Веч и јуношеството болгарско
не сја делит никак од француското.
Она носит сјуртук, палто, фрако
по европејски и никак инако.
И малите б’лгарски девојки
не кријат си нихните дојки.
Вече знајат што е кринолино,
как сја носит това капелино.
Знајат вече какда сја вљубуват,
за м’ж сами да сја си оддават.
Момата вече сама биват снаха,
непотребна проклетата сваха.
Знаит да речит: „Душо моја!
Ангел мој! Ја с’м твоја“.
А младото вече одговара
како што треба и без превара:
„Да претрпам немам сила,
ја умирам, душо мила!“
Жад само, че наша Б’лгарка
оште не велит че ет Френка.
Едни вељат, скоро ќе сја случит
и Б’лгарката ќе сја научит
мошне лесно, без никаква м’ка
да говорит чисто като Френка:
„Бон жур, бон соар, ман анж плет’ил?
Не бој сја; м’ж’т ти не усетил.
Кел ор ет-ил? Троа – мерси!
Ти сос мене, он друга нека трси.
Ах, душо! Ак, каква нога!
Мја изгоре! Смили сја за бога!“
Так сја, чуе че в Б’лгарија
стигна европејска поразија!

Какво ќе бидит, ако след времја Б’лгарчето, което досега сја казвало, че ет Грче, ќе сја казват, че ет Френче?... Не можит да бидит, че вече в Б’лгарија влезе образование. Ако ет так, ја замолкнувам и сја обрнувам кон селските девојки, които бега сја собрали на гумно, кон нашите сељанки, че они ке наумувајат на нашите Б’лгаре, които живејат в градовете и които след времја ќе сја токмат с европејците, че сет Б’лгаре. А ако европејската поразија влезит и во селата, тогај проштавај, народност!
Читатељу! Ти ќе попиташ: каква свјаз имат твојата „Прошедба“ с твоите м’друванија? И требаше ли да прек’снеш расказ’т си с одвише слова? Прости ме. Но знај, читатељу, и верувај, че тија мисли душеха ми гр’дите. Затова написах га да ми поолегкнит. Оште вервај, че оште жалам гумното, в което пак тја однесувам.
Средината на гумното беха захватиле девојките, около петдесет на број. Беха се хванали појас за појас и беха направили д’лго кр’гло коло. Запејаха они, сја почна народен танец с народни песни. Всичките девојки стројна следваха танчерката, којато беше накитила непокриената си глава с венец од цветја. Чрните и д’лги косми одзади сја раздељваха на неколку си плетенки. Она држеше главата си малку навалена кон десното рамо, в десната си р’ка држеше везена крпа, с којато то креваше си р’ката нагоре, то виткаше ја околу главата си, то закачваше ја за половината си. Чрните и светли очи гледаха пред себе си на земља; честите и клепки не мрдаха; невозможно беше да усетиш мрдаха ли усните и, когато пееше. Кој видел шарената птица јаребица как она утром рано, кога вече зора сја начнуват, как она остават седелото, излегуват на зеленото широко поле и пеејќи, прусат низ мегката трава детелина? С’што така, пеејќи, прусаше и танчарката Велика. Околу танец’т вториј кр’г беше од м’жи, жени и момчиња. Ако погледнеше надесно, ќе видеше собрани неколку си старци, среди които стоеше цело ведро с вино и крондир (букар) с превареница. Старците честичка подигваха букар’т и ведрото. Славеха они стари времиња. Славеха Кралевиќа Марка, В’лкашина, болена Дојчина!... Ако погледнеше налево, там ќе видеше цел ред од момчиња, на които погледите беха об’рнати кон девојките. Девојките следвејќи танчерката и теглејќи танец’т, најдуваха времја да подхврљат некој си крат’к поглед кон момчињата; и това правеха так скромно, так скоро, штото м’чно беше да познаеш, која на кого хврљат поглед. Мила, кротка Б’лгарко, оште много ли времја ти ќе хврљаш такви кротки и питоми погледи? Оште многу ли времја ти ќе држиш душата си чиста като на г’л’бица?... Други 
пак млади момчиња, но подалеку од гумното, сја веселиха с игри: едни скокаха три-нога, други сја надхврлаха с камен, трети сја надминуваха с трчене. А што правеха жените? Што правеха мајките и девојките? Ништо. Гледаха само на керките им, сја милуваха с нихните танци и од душа сја радваха, како беше видно од лицето им което м’чно да опишеш е перо. Керките наумуваха им младоста и од реч на гумно сја свршуваха и сватовства. Последната песња, којато излезе од устата на танчерката, беше долната:

Извор вода извираше,
малко моме наливаше.
само себе говореше:
Как с’м бело и чрвени,
оште да с’м чрнооко,
би ме зело царевото.
царевото хазнатарче...

Кога пеењата сја сврши, тогај вече сл’нцето беше сја приближило до врх’т на ближната планина. С заход’т на сл’нцето танец’т сја сврши и девојките разотидоха си всјакоја у дома си. Најпоследни в к’штата на деда Стојана сја врнахме ми. Сл’нцето беше сја скрило вече совсем. Наместо него сја јави иззад планината п’лна месечина, с светлина на којато сја врштаха овчарите и овчарките с стадата. Небето в тој вечер беше совсем чисто, побистро и од ст’клото. Гл’боко м’лчење владаше между всичките нас; само тихијт прохладен ветер одвај-одвај нишаше листјата на дрвјата. Под чистото небо ми повечерахме това, което беше останало од ручек’т. Вечерата сја сврши без никаков разговор, че сутрин беше делник ден и всјакој од нашите стопани вардеше поскоро да легнит. Когато вечерта сја сврши, старец’т извикна:
– Еј, деца времја да легниме.
– Што так рано, дедо Стојане? – рече Здраве.
– Как рано, синко? Не, доцна ет. Погледни, Вечерница оддавна излезе, а децата треба да станат, преди да излезит Квачката.
– Каква Квачка, дедо Стојане?
– Так Квачка, по којато ми сељаните познаваме ноштем времето: прво излегуват Квачката, тогај всички оставаме постелите си.. После излегуват Орач’т, тогај миходиме на нива. Најпосле излегуват звезда Зорница. Така ноштем ми познаваме времјато, а денем по сл’нцето и по денката му. Ја рекох да ви постељат на амбар, та вардете сја од комарите, друго ништо не сја боете, кучињата сет пуштени. Добра ви ношт, чеда!
– Ваша подобра, дедо Стојане! – одговорихме му и старец’т отиде си.
Когато ми отидохме на амбар, там најдохме всичко готово за лежене. Не оставиха нас да лежиме на гола земља и на голи штици (д’ски), но постлаха ни слама, којато беше покриена с две черги: една за оддолу, друга, за да сја вардиме от комарите, че не можеха да не продупат. Но така како ми не можехме да си покриеме лицата, че бодеше, не сја ослободихме од комарите. Домашните не усештаха ништо, но спавах так гл’боко, так слатко, штото им завидувахме.
Д’лго ми сја борехме с сон’т и с комарите, които, като навасаха, изгониха ни в градината, в којато среди цветјата поминахме всичката ношт. Во всето това времја ми не проговорихме помежду си ни едно слово; сја милувахме само на цветјата. Беше поминала полношт, кога ми оба, без да штеме, сја опулихме на небо и наистина видохме неколку си звезди, собрани накуп, среди които една светеше повече. Тогај нам текна ни, че тија звезди старец’т нарече ги Квачка. След малко времја вече всето село беше на нози, сја начнаха селските работи, които всјакој знаит.
– Времја да си ходиме – рече Здраве.
– Ја с’м готов – одговорих.
Отидохме да сја простиме с старец’т, којто никак не штеше да ни оставит, без да пок’сниме, но после много молби он зеде букар’т с превареница, испрати ни до меѓата на нивата му. Тук, като сја напихме неколку си г’лтки, казахме му: „Остани збогом“, и сја разделихме. Старец’т сја обрна кон село, а ми зедохме по правијт п’т за в град, като си засукахме панталоните до колена; че да кажиме правото, европејската чума оште не беше ни чукнала силно.
Всичкијт п’т ми изврвехме м’лчејќи; само кога ќе поминехме една планинка, зад којато селото оставаше невидимо, ја сја обрнах оште едножд кон селото сја опулих и текнаха ми славата на старец’т
„Тешки времиња, тешки пустите“, които повторих.
– Тешки времиња, тешки пустите – се одзва Здраве и повече ништо...
Читатељу, след неколку си месеци ја и Здраве оставихме и селото, и град’т, а прелетнахме во Френско, с цел да изучиме всите европејски хубавини и да ги пренесеме в Б’лгарија. Но требат да забележиш, че еднијт од нас сја нахождат при „Гутен таг“, а другијт при „Бон жур“. Кое ет полесно и пополезно за Б’лгарија? – Едното чума, а другото холера. А кое ќе навасат? Првото или второто? На овој вопрос зам’лкнувам.

 

Извор: 
„Крвава кошуља, Глас, Прошедба“ од Рајко Жинзифов
(Матица македонска, 2003)