Романтизмот во литературата

назад кон сите лекции
„Онегин“ (1999), филмска адаптација

„Онегин“ (1999), филмска адаптација

„Онегин“ е британско-американска филмска драма заснована на романот во стихови „Евгениј Онегин“ (1833) од Александар Сергеевич Пушкин. Главните улоги ги толкуваат Рејф Фајнс (Онегин) и Лив Тајлер (Татјана). Филмот е во режија на Марта Фајнс.  

„Евгениј Онегин“, опера на Петар Илич Чајковски

„Евгениј Онегин“, опера на Петар Илич Чајковски

„Евгениј Онегин“ (оп. 24) е опера во три чина (седум сцени), од композиторот Петар Илич Чајковски. Либретото го структурирал Чајковски, следејќи многу прецизно одредени делови од истоимениот роман на Пушкин, при што задржал голем дел од неговите стихови.


Оваа изведба е на ансамблот на театарот „Хеликон-опера“ од Москва во 2016 година и под диригентската палка на Валериј Кирјанов.

Расказот „Украденото писмо“ од Едгар Алан По

Расказот „Украденото писмо“ од Едгар Алан По

Во центарот на приказната во расказот „Украденото писмо“ е човечката способност да го согледа очигледното. Преку ликот на Огист Дипен, По го истакнува значењето на анализата на човековата мисла. Дипен не доаѓа до решението со физичко пребарување или со технички методи, туку со разбирање на умот на противникот.

 

 

УКРАДЕНОТО ПИСМО

Nil sapientiae odiosius acumine nimio.1

Seneca

 

Во Париз есента 18–, една ветровита приквечерина, уживав во двојното задоволство на размислувањето и пушењето луле заедно со мојот пријател С. Огист Дипен во неговата мала затскриена библиотека, или кабинет со книги, au troisieme, No. 33, Rue Dunot, Faubourg St. Germain. Најмалку еден чaс седевме во целосна тишина; однадвор можеби изгледаше дека сме целосно внесени во витлите од чадот што го притискаа воздухот во собата. Но, во мислите се навраќав на некои од темите што беа предмет на нашиот разговор нешто порано истата вечер; тука, пред сè, мислам на случајот во улицата Морг и на мистериозното убиство на Марија Роже. Затоа го сметав за необично совпаѓање мигот кога вратата одеднаш се отвори и во собата се појави нашиот стар познаник, господинот Г., префект на париската полиција.

Го пречекавме со срдечно добредојде; оти тој човек колку што беше достоен за презир, барем половина од тоа беше и забавен, а освен тоа со години го немавме видено. Седевме во темница, па Дипен потстана со мисла да ја запали ламбата, но повторно седна без да го стори тоа, откако Г. рече дека е дојден да се посоветува со нас, или поточно, да побара мислење од мојот пријател во врска со некоја службена работа што предизвикувала големи неволји.

„Ако е нешто што бара размислување“, забележа Дипен откажувајќи се од палењето на фитилот, „подобро да го разгледаме во темница.“

„Пак некоја од Вашите чудни идеи“, рече префектот кој имаше обичај да го именува со зборот „чудно“ сето она што не можеше да го разбере, така живеејќи меѓу вистинска армија од „чуда“.

„Токму така“, рече Дипен, подавајќи му на гостинот луле и поттурнувајќи кон него еден удобен стол.

„И во што е сега маката?“, прашав. „Не е белки пак некое убиство?“

„А, не; ништо такво. Факт е дека работата навистина е мошне проста, и не се сомневам дека сами би можеле успешно да ја завршиме но си помислив дека можеби Дипен ќе сака да ги чуе подробностите, бидејќи тој случај е претерано чуден.“

„Едноставен и чуден“, рече Дипен.

„Па да; но и не е сосема така. Факт е дека сите сме прилично запрепастени бидејќи работата е толку проста, а сепак целосно нè збунува.“

„Можеби самата едноставност Ве наведува на грешки“, рече мојот пријател.

„3борувате бесмислени работи!“, одврати префектот од сè срце смеејќи се.

„Можеби загатката е малку преедноставна“, рече Дипен.

„О мили боже! Чул ли некој за нешто такво?“

„Малку, преочигледна сама по себе.“

„Ха, ха, ха! Ха, ха ха! Хо, хо, хо!“, гласно се смееше нашиот гостин, видно развеселен. „О, Дипен, Вие ќе ме докрајчите!“

„Но за што, впрочем, се работи?“, прашав јас.

„Па, ќе Ви раскажам“, одговори префектот, замислено испуштајќи долг, рамномерен чад од лулето откако седна на столот. „Ќе Ви раскажам во неколку збора; но, пред да започнам, дозволете да Ве предупредам дека се работи за случај што бара најголема тајност, и дека сосема веројатно би ја загубил работата кога би се дознало оти сум се доверил некому.“

„Продолжете“, реков.

„Или немојте“, додаде Дипен.

„Тогаш, добро; добив лично известување, од високи извори, дека од кралските одаи е украден документ од огромна важност. Лицето што го украло е познато; во тоа нема сомнение; видено е како го зема. Познато е, исто така, дека документот е сè уште во негов посед.“

„Како тоа познато?“, праша Дипен.

„Јасно се заклучува“, одговори префектот, „заради природата на документот и отсуството на одредени последици кои инаку веднаш би настанале кога крадецот би го отуѓил; то ест, кога би го употребил, оти најпосле сигурно мора да го употреби.“

„Бидете малку појасен“, реков. 

„Па, засега можам да кажам дека документот на имателот му дава одредена моќ во одредени кругови каде што таквата моќ е од непроценлива важност.“ Префектот милуваше да се изразува дипломатски.

„Сепак, не ми е сосема јасно“, рече Дипен.

„Не? Добро; откривањето на документот на трето лице, кое нема да го именувам, би ја довело во прашање честа на една личност од мошне висока позиција; и оваа околност му дава на имателот на документот моќ над видната личност чиишто чест и спокојство на тој начин се доведуваат во опасност.“

„Но, таа моќ“, се вмешав, „ќе зависи од тоа дали на крадецот му е познато дека ограбениот знае кој е крадец. Кој би се осмелил...“

„Крадецот“, рече Г., „е министерот Д., кој се дрзнува на сè и сешто, и на она што му прилега и на она што не му прилега на еден човек. Методите на кражбата колку се остроумни, толку се и безочни. Документот за кој станува збор да бидеме отворени, станува збор за писмо стигнал до ограбената личност кога таа била сама во кралскиот будоар. Додека внимателно го читала, била ненадејно прекината со влегување на една висока личност од која особено имала намера да го сокрие. По избрзаниот и напразен обид да го втурне во некоја од фиоките, била принудена да го остави писмото на масата, отворено. Сепак, адресата била одозгора и бидејќи на тој начин содржината не била изложена на погледи, писмото останало незабележано. Во тој час влегува министерот Д. Неговото остро око веднаш го здогледува документот, го препознава ракописот од адресата, забележува збунетост кај личноста до која е адресирано, и ја наѕира нејзината тајна. На нему својствен начин набрзина изложува неколку деловни работи, па вади писмо слично на она за кое станува збор, го отвора, се преправа дека го чита, а потоа го остава во непосредна близина на другото писмо. Пак поведува разговор, околу петнаесетна минути, за државни работи. Најпосле, на заминување од масата го зема писмото кое не е негово. Вистинската сопственичка сето тоа го видела, но секако дека не се осмелила да го сврти вниманието кон таквиот чин во присуство на третото лице кое стоело веднаш до неа. Министерот си заминал, оставајќи го своето писмо на масата – некое писмо без особена важност.“

„Е, па тогаш“, се сврте Дипен кон мене, „имате сè што е потребно за моќта да биде целосна – на крадецот му е познато дека ограбениот знае кој е крадец.“

„Да“, рече префектот, „и така стекнатата моќ во опасни размери, последните неколку месеци се користи за политички цели. Ограбената личност секој ден е сè повеќе убедена во нужноста да си го поврати писмото. Но тоа, секако, не може отворено да се изведе. Најпосле, доведена до очај, таа работа ми ја довери мене.“

„Кому друг“, рече Дипен обвиен во вистински облак од чад, „поумен агент, претпоставувам, не би можела ниту да посака, ниту да си замисли.“

„Ми ласкате“, одговори префектот; „но можно е да постои такво мислење.“

„Јасно е“, реков, „како што велите, дека писмото е сè уште во рацете на министерот; и целата моќ произлегува од тоа, а не од неговата употреба. Со употребата исчезнува и неговата моќ.“

„Така е“, рече Г., „и јас дејствував според тоа убедување. Најпрвин се погрижив детално да го пребарам домот на министерот; најголемата непријатност беше тоа што морав да го извршам претресот без негово знаење. Згора на сè, бев предупреден од опасноста што би можела да произлезе доколку му дадеме повод да се посомнева во нашите намери.“

„Но“, реков, „Вие сте многу умешни во таквите истраги. Париската полиција и порано често извршувала слични задачи.“

„А, да; затоа и не губев надеж. Навиките на министерот исто така ми овозможија голема предност. Тој често по цели ноќи е отсутен од дома. Послугата му е малубројна. Спалните на слугите се далеку од одаите на господарот и бидејќи повеќето од нив се неаполци, лесно се опиваат. Како што знаете, јас имам клучеви со кои можам да ја отворам која било соба или кабинет во Париз. Цели три месеци, секоја ноќ, речиси цело време лично го превртував домот на Д. Во прашање е мојата чест, а да Ви откријам и една голема тајна – наградата е огромна. И така, не престанав да барам сè додека не се уверив дека крадецот е полукав и од мене. Ми се чини дека го пребарав секое катче, секое ќоше од целата куќа каде што таа хартија би можела да биде сокриена.“

„3ар не е можно“, додадов јас, „министерот – макар што го поседува писмото, а несомнено дека е така – да го има сокриено на друго место, а не во сопствената куќа?“

„Тоа е речиси невозможно“, рече Дипен. „Сегашните необични состојби на дворот, а особено интригите во кои, како што е познато, е вмешан и Д., прават непосредната достапност на документот – можноста да биде покажан во секој миг – да биде исто толку важна колку и неговото поседување.“

„Неговата подложност да биде покажано?“, реков.

„Односно, да биде уништено“, рече Дипен.

„Секако“, забележав; „тогаш таа хартија сигурно е во куќата. А тоа дека министерот секогаш го носи писмото со себе, веднаш треба да го исклучиме.“

„Несомнено“, рече префектот. „Двапати беше нападнат од заседа, наводно од разбојници, и темелно претресен под мој личен надзор.“

„Сте можеле да се поштедите од тие непријатности“, рече Дипен. „Д., претпоставувам, не е сосема луд, па ако не е, сигурно ги предвидел нападите како нешто што се подразбира само по себе.“

„Не е сосема луд“, рече Г., „но е поет, а според мене, тие се на еден чекор од лудите.“

„Точно“, рече Дипен, долго и замислено повлекувајќи од лулето, „иако и самиот имам склопено неколку лоши стихови.“

„Што велите на тоа“, реков, „подетално да ни раскажете за претресот.“

„Па, факт е дека не брзавме, имавме време да пребараме насекаде. Имам големо искуство со вакви случаи. Ја пребаравме целата зграда, соба по соба; цели ноќи, во текот на една цела недела, посветивме на секоја соба одделно. Најпрвин се зафативме со мебелот. Ја отворивме секоја можна фиока; претпоставувам знаете дека за добро обучен полициски агент не постои „тајна“ фиока. Глупав е секој што ќе дозволи, при такво барање, да му се измолкне некоја од „тајните“ фиоки. Работата е многу едноставна. Треба да се води сметка за тежината и зафатнината на секој орман. Постојат јасни правила. Не може да ни се провлече ни педесетинка од секое делче. По орманите, се зафативме со столовите. Перничињата ги испитувавме со тенки долги игли чија употреба веќе ја знаете. Ги отстранувавме плочите од масите.“

„А зошто?“

„Понекогаш, кога некој сака да сокрие некаков предмет, го отстранува горниот дел од масата или друг сличен мебел; потоа ја длаби ногалката, па предметот го става во шуплината и пак ја враќа плочата на старото место. На истиот начин се користат горните и долните краеви од ногалките на креветите.“

„Но, зарем шуплината не може да биде откриена со потчукнување?“, прашав.

„Никако, ако при ставањето предметот се обложи со доволно памук. А освен тоа, во овој случај бевме принудени да дејствуваме бесшумно.“

„Но Вие не сте можеле да ги отстраните – секако дека не сте можеле да ги расклопите сите парчиња од мебелот во кои би можело да се смести некој предмет на начинот што го опишавте. Писмото може да се свитка во тенка спирална ролна, по обем и форма не многу различна од поголема игла за плетење, и како таква да се вметне во некоја од спојките на столот, на пример. Секако не сте ги расклопиле сите столови?“

„Се разбира дека не; но направивме нешто подобро – ги прегледавме спојките на секој стол во куќата, а со помош на најмоќниот микроскоп и секое составно парче од целокупниот мебел. Ако имало и најмала трага од неодамнешно разместување, сигурно веднаш ќе сме ја забележале. Едно единствено зрнце прав од бушење би било јасно видливо колку јаболко. Секоја промена во лепењето – секоја невообичаена пукнатинка врз спојките – би била доволна да го обезбеди откривањето.“

„Претпоставувам дека сте ги погледнале и огледалата меѓу штицата и плочата, и дека сте ги провериле креветите и чаршафите, како и завесите и килимите.“

„Тоа секако; и откако на тој начин конечно завршивме со мебелот, ја пребаравме и самата куќа. Целата нејзина површина ја поделивме на делови, означувајќи ги со броеви, за да не биде изоставена ниту една површина; потоа внимателно ја испитавме секоја педа, вклучувајќи ги и двете соседни куќи, пак со помош на микроскоп како и претходно.“

„Двете соседни куќи!“, извикав; „сигурно сте биле на големи маки.“

„Секако, но понудената награда е огромна.“

„Заедно со дворовите околу куќите?“

„Дворовите се поплочени со тули. Тие ни зададоа помалку маки. Ја проверивме мовта помеѓу тулите и утврдивме дека воопшто не е чепната.“

„Сигурно сте погледнале и помеѓу хартиите на Д., како и меѓу книгите од неговата библиотека?“

„Секако; ги отворивме сите врзопи со хартии, целата негова пошта; не само што ја отворавме секоја книга, туку ги превртувавме и страниците од секој том, не задоволувајќи се со обично протресување, како што прават некои наши колеги полицајци. Ја меревме и дебелината на секоја корица, со најпрецизна постапка, при што секоја од нив беше подложена на сомничавото око на микроскопот. Ако некој неодамна ги чепкал кориците, би било апсолутно невозможно тоа да остане незабележано. Со помош на иглите внимателно проверивме, во должина, едно пет-шест тома, штотуку излезени од книговезница.“

„Го погледнавте и подот под килимите?“

„Нема сомнение. Секој килим беше поттргнуван, а штиците ги прегледувавме со микроскоп.“

„А тапетите по ѕидовите?“

„Да.“

„Проверивте во визбите?“

„Проверивме.“

„Во тој случај“, реков, „пресметките Ви биле погрешни – писмото не е во куќата како што претпоставувате.“

„Се плашам дека сте во право“, рече префектот. „И сега, Дипен, што би ми посоветувале да направам?“

„Повторно да извршите темелен претрес на куќата.“

„Сосема непотребно“, одговори Г. „Колку што сум сигурен дека дишам, толку сум и сигурен дека писмото не е во куќата.“

„Подобар совет немам“, рече Дипен. „Вие, секако, имате прецизен опис на писмото?“

„О, да!“ Тогаш префектот извади еден бележник и почна наглас да ни чита подробен опис на внатрешниот, а особено на надворешниот изглед на исчезнатиот документ. Откако заврши со читањето, се збогуваше и си замина со толкава потиштеност во душата, сосема невообичаена за добронамерник како него.

По приближно еден месец тој повторно нè посети и нè затекна во слична состојба како и минатиот пат. Зеде луле и стол и поведе обичен разговор. Најпосле јас реков:

„Добро Г., но што стана со украденото писмо? Претпоставувам, конечно сфативте дека не можете да го надитрите министерот?“

„Ѓавол да го земе, навистина, сепак, повторно извршив претрес, како што предложи Дипен – но сè беше залудно, како што и очекував дека ќе биде.“

„Колку рековте дека изнесува понудената награда?“, праша Дипен.

„Па прилично – многу великодушна награда – не сакам да кажам колку точно; но едно сакам да знаете – не би ми пречело да издвојам чек на педесет илјади франци за оној што би можел да ми го достави писмото. Точно е дека од ден на ден тоа писмо добива сè поголема важност; а од неодамна и наградата е удвоена. Дури и тројно да ја зголемат, не би можел да преземам повеќе од тоа што веќе го сторив.“

„Хм, да“, развлекуваше Дипен неколкупати повлекувајќи од лулето, „навистина... мислам, Г... не сте се потрудиле... доволно во тој случај. Би можеле... да сторите нешто повеќе, ми се чини, а?“

„Како? На кој начин?“

„Па... паф, паф... би можеле... паф, паф... да најмите советник за случајот, а? Паф, паф, паф. Се сеќавате ли на приказната за Абернети?“

„Не; нека оди по ѓаволите тој Абернети!“

„Се разбира! Нека оди по ѓаволите, добредојден е. Сепак, си бил едно време еден богат скржавец кој скроил план како од тој Абернети да извлече лекарско мислење без да му плати. Отпочнувајќи така, насамо, еден обичен разговор му го нафрлил својот случај на лекарот како да се работи за случај на некоја измислена личност.

’Да претпоставиме‘, рекол скржавецот, ’дека неговите симптоми се такви и такви; и сега, докторе, што Вие би го посоветувале да прима?‘

’Да прима‘, рекол Абервети, ’па, нека прима совети од лекар, се разбира.‘“

„Но“, рече префектот, малку вознемирен, „јас сум целосно подготвен да примам совет, и да платам за него. Навистина би му дал педесет илјади франци на оној кој би ми помогнал во оваа работа.“

„Во тој случај“, одврати Дипен отворајќи една фиока од која извади чековна книшка, „слободно можете да ми пополните чек на таа сума. Штом го потпишете чекот, ќе Ви го предадам писмото.“

Бев вџашен. Префектот изгледаше како гром да го удрил. Неколку минути не изусти ни збор, не се ни помрдна, недоверливо гледајќи во мојот пријател со зината уста и ококорени очи; потоа, доаѓајќи си малку на себе, зеде едно перо, и по неколку прекини и ѕверења во празно, најпосле пополни и потпиша чек на педесет илјади франци и преку масата му го подаде на Дипен. Тој внимателно го разгледа и го стави во својот бележник; потоа, отклучувајќи ја фиоката од масата за пишување, извади едно писмо и му го даде на префектот. Високиот службеник го зграпчи писмото целиот избезумен од радост, го отвори со растреперените раце ја ѕирна содржината, а потоа, итајќи кон вратата со несигурен чекор, испари од собата и од куќата без да се поздрави, без да прозбори од мигот кога Дипен му беше побарал да го пополни чекот.

Кога префектот си замина, мојот пријател почна да ми објаснува некои работи.

„Париските полицајци“, рече тој, „се навистина способни на свој начин. Истрајни се, умни, лукави и целосно упатени во вештините нужни за извршување на нивните задолженија. Така, кога Г. ни го изложи својот начин на пребарување на куќата на Д., бев целосно убеден дека добро ја спровел истрагата – во границите на неговите способности.“

„Во границите на неговите способности?“, реков.

„Да“, рече Дипен. „Мерките што тој ги презеде не само што беа сами по себе најдобри, туку беа и совршено спроведени. Да беше писмото оставено некаде во опсегот на нивното барање, тие луѓе, без сомнение, ќе го најдеа.“

Јас само се смеев, додека тој беше смртно сериозен во говорот.

„Мерките, значи“, продолжи тој, „сами по себе беа добри, и добро беа спроведени; нивниот недостаток беше во тоа што не беа применливи ниту врз случајот ниту врз човекот. Некои од групите одлично осмислени мерки претставуваат еден вид Прокрустова постела за префектот кон која тој упорно ги прилагодува своите намери. Но, постојано греши, копајќи или предлабоко или преплитко, при разрешувањето на одреден случај; дури и просечен ученик би размислувал подобро од него. Познавав едно такво момче, на возраст од околу осум години, чијшто успех во играта ’пар-непар‘ предизвикуваше општо одушевување. Играта е едноставна, а се игра со џамлии. Едниот натпреварувач во раката држи неколку џамлии и бара од другиот да погоди дали нивниот број е парен или непарен. Ако погоди, добива џамлија; ако промаши, ја губи. Момчето за кое Ви зборувам ги собираше сите џамлии во училиштето. Се разбира дека се водел од некое начело при погодувањето; а тоа се состоеше во едноставно набљудување и проценување на остроумноста на неговите противници. На пример, ако за противник го има најголемиот тапчо кој со затворена дланка го прашува дали се пар или непар, нашето момче одговара, ’непар‘, и губи; но при вториот обид добива, бидејќи тогаш си вели, ’тапчото држеше парен број првиот пат, а неговата лукавост досега дотаму што вториот пат ќе држи непар; затоа сега ќе кажам непар‘. Кажува ’непар‘ и добива. Но ако тапчото е за еден степен поумен, момчето би размислувало вака: ’Овој виде дека првиот пат кажав непар, па вториот пат инстинктивно ќе направи проста промена од непар во пар, како што играше првиот тапчо; но кога ќе подразмисли, ќе сфати дека тоа е премногу проста промена и конечно ќе реши да игра со пар, како и претходно. Затоа, јас пак ќе кажам пар‘. Кажува така, и добива. Значи, што претставува ваквото расудување на момчето кого другарите го прогласија за ’среќен‘ – што всушност претставува?“

„Тоа едноставно“, реков јас, „е идентификување на неговиот разум со разумот на противникот.“

„Да“, рече Дипен; „и кога го прашав момчето на кој начин го постигнува тоа целосно идентификување, во што и се состоеше неговиот успех, го добив следниот одговор: ’кога сакам да погодам колку е некој мудар, колку е глупав, или колку е добар или лош, или пак што мисли во одреден миг, го сообразувам изразот на лицето што е можно поверно со изразот на неговото лице и тогаш очекувам какви мисли или чувства ќе ми се родат во главата и срцето, слични или соодветни на тој израз‘. Овој одговор на момчето се наоѓа во основата на целата лажна длабочина што им била припишувана на Рошфуко, Ла Бужи, Макијавели и Кампанела.“

„А идентификувањето со разумот на противникот“, реков, „зависи, ако добро разбрав, од точноста со која се одмерува разумот на противникот.“

„Во однос на својата практична вредност, да“, одговори Дипен; „а префектот и неговата дружина грешат многу често затоа што, како прво, не постигнуваат идентификување, и како второ, лошо го одмеруваат, или воопшто не го одмеруваат разумот со којшто си имаат работа. Ги земаат предвид само сопствените претстави за остроумноста; и кога бараат нешто скриено, се повикуваат само на начините на кои тие би го сокриле. Тука се во право само доколку нивната остроумност верно ја претставува и остроумноста на толпата; но кога лукавоста на престапникот видно се разликува од нивната, се разбира дека ќе бидат изиграни. Така е секогаш кога разумот на престапникот е над, и понекогаш, кога е под нивниот разум. При водењето на истрагите тие не го менуваат принципот; во најдобар случај, кога нешто им е многу итно – на пример некоја голема награда – ја прошируваат, или преувеличуваат старата практика, без да го сменат принципот. Што е, на пример, сторено во случајот на Д. за да се смени начинот на дејствување? Какво е тоа дупчење, проверување, потчукнување, гледање под микроскоп, делење на куќата на нумерирани површини – што е сето тоа ако не претерување во примената на еден принцип или група принципи на пребарување, засновани само на еден вид претстави за човековата остроумност, на кои се навикнал префектот во текот на својата работа? 3ар не гледате дека тој е убеден оти сите луѓе би го сокриле писмото, можеби не во избушено дупче од ногалка на стол, но секако во некоја дупка или зафрлено ќоше, поттикнати од истиот начин на мислење што би ги навел да го сокријат писмото во избушено дупче од ногалката на некој стол? И зар не гледате дека таквите ретки ќошиња за сокривање се користат само во обични пригоди, и тоа само од обичните умови; бидејќи во сите случаи на сокривање сместувањето на сокриениот предмет – сместувањето на тој редок начин – уште од самиот почеток може да се претпостави, а и се претпоставува; и според тоа, неговото откривање воопшто не зависи од проникливоста, туку од грижливоста, стрпливоста и решеноста на тие што бараат; а кога станува збор за важен случај – во очите на полицајците, за огромна награда – спомнатите особини, колку што е познато, никогаш не недостасувале. Сега разбирате што мислев кога претпоставив дека доколку украденото писмо било сокриено во рамките на префектовото пребарување – со други зборови, доколку принципот на сокривање ги подразбираше принципите на префектот – неговото пронаоѓање воопшто немаше да биде доведено во прашање. Но, овој висок службеник беше целосно во заблуда; а далечниот извор на неговиот пораз лежи во претпоставката дека министерот е будала затоа што го бие глас оти е поет. Сите будали се поети; така чувствува префектот; и сета негова вина е non distributio medii2 затоа што оттука заклучил дека сите поети се будали.“

„Но, дали навистина тој е поетот?“, прашав. „Знам дека се двајца браќа; и двајцата имаат стекнато углед во пишувањето. Министерот, мислам, има напишано труд за диференцијалните пресметки. Тој е математичар, а не поет.“

„Грешите; добро го познавам; тој е и поет и математичар. Како таков, добро расудува; да беше само математичар воопшто и не ќе можеше да расудува, и според тоа ќе паднеше во милоста на префектот.“

„Ме изненадувате“, реков, „со тие сфаќања кои ги оспорува гласот на народот. Белки не мислите да го презрете мислењето кое низ вековите стекнало широка прифатеност. Математичкиот ум веќе долго време се смета за ум par excellence.“

Il у а à parier‘“, одговори Дипен, цитирајќи го Шамфор3, „que toute idée publique, toute convention recue, est une sottise, car elle а convenu au plus grand nombre.4 Математичарите, Ве уверувам, дадоа сè од себе за да ја распространат општоприфатената заблуда која ја споменавте, а која сепак е заблуда, иако се разгласува како вистина. Со вештина достојна за нешто подобро, тие, на пример, го потставија поимот ‘анализа’ во алгебрата. Французите се зачетници на таа необична измама; но ако еден поим: е носител на некакво значење – ако зборовите црпат некаква вредност од својата применливост – тогаш зборот ‘анализа’ изразува ‘алгебра’ приближно исто толку колку што латинското ‘ambitus’ означува ‘амбиција’, ‘religio’ – религија или ‘homines honesti’ – група луѓе достојни за почит.“

„Гледам дека спорите“, реков, „со некои париски математичари; но продолжете.“

„Ја оспорувам корисноста, а со тоа и вредноста на умот развиван во која и да е посебна форма различна од апстрактно-логичката. А особено го оспорувам умот кој се развил по пат на математичко учење. Математиката е наука за формите и количествата; математичкото расудување е само логика применета при набљудувањето на формите и количествата. Големата заблуда лежи во претпоставката дека дури и вистините од она што е познато како чиста алгебра, се апстрактни или општовистинити. И толку е огромна таа заблуда што воопшто не ми е јасно како може да биде толку широко прифатена. Математичките аксиоми не се аксиоми на општите вистини. Она што важи за релациите – за формите и количествата – обично не важи во однос на етиката, на пример. Во етиката обично е неточно правилото дека збирот од единечните делови е еднаков на целината. Таа аксиома отпаѓа и во хемијата. Отпаѓа и во однос на мотивите; затоа што два мотива, секој со дадена вредност, не мора нужно, штом се соединат, да имаат вредност еднаква на збирот од нивните поединечни вредности. Има уште многу математички вистини кои се вистини само во границите на релациите. Но математичарите по навика дискутираат, од позиција на своите конечни вистини, како да се тие апсолутно општоприменливи – какви што светот навистина си ги претставува. Брајант во својата мошне учена ’Митологија‘, спомнува сличен извор на заблуда, кога вели дека ’иако не им веруваме на паганските басни, ние постојано забораваме и изведуваме заклучоци од нив како да станува збор за постоечки вистини‘. Математичарите, кои и самите се пагани, сепак им веруваат на ’паганските басни‘ и изведуваат заклучоци, не толку заради дупките во сеќавањето, колку заради некоја непресметлива закржлавеност на умот. Накусо, никогаш не сум сретнал ниту еден заколнат математичар кому може да му се верува надвор од равенките и корените, или кој потајно не верува дека х2 + рх е апсолутно и безусловно еднакво на q. Кажете му некому од тие господа, ете за проба, дека верувате оти може да се случи х2 + рх да не е сосема еднакво на q, и откако тој ќе сфати што сте му кажале, тргнете се од него колку што можете побргу затоа што сигурно ќе се обиде да Ве собори со еден удар.“

„Сакам да кажам“, продолжи Дипен, додека јас се смеев на неговите последни искази, „ако министерот беше само математичар, ќе немаше потреба префектот да ми го дава овој чек. Меѓутоа, јас го познавам министерот како математичар и поет, и своите мерки ги дотерав кон неговите способности, земајќи ги предвид и околностите што го опкружуваа. Исто така, го познавам и како дворјанин и дрзок сплеткар. Сметав дека таков човек мора да ги познава вообичаените полициски методи на дејствување. Мора да ги очекувал – а настаните покажаа дека навистина ги очекувал – заседите кои му беа поставени. Мора да ги предвидел, размислував, тајните пребарувања во неговиот дом. Неговите чести отсуства ноќе, кои беа поздравени од страна на префектот како сигурна помош за успешноста, јас ги сметав само за трикови кои на полицијата ѝ нудат можност за детална претрага, во исто време наметнувајќи го убедувањето до кое Г., всушност, на крајот и дојде – убедувањето дека писмото не е во куќата. Исто така, имав чувство дека целиот тек на мислите во врска со непроменливиот принцип на полициското дејствување кога се трага по сокриени предмети, кој се помачив подробно да ти го изложам – имав чувство дека целиот тој тек на мислите нужно ќе помине и низ умот на министерот. Тоа веднаш би го навело да ги презре сите вообичаени ќошиња за криење. Не би можел, размислував, до толку да биде слеп за да не види дека и најскришните и најдалечни места од неговиот дом како најобични ормани ќе бидат отворени за погледите, за проверките, за дупчалките и микроскопите на префектот. Накратко, сфатив дека тој, нормално, ќе биде натеран на едноставност, ако не и свесно наведен на тоа по сопствен избор. Можеби ќе се присетите колку очајно се смееше префектот при нашиот прв разговор кога претпоставив дека е целосно можно таа загатка така да го измачува поради тоа што е толку очигледна сама по себе.“

„Да“, реков, „добро се сеќавам на неговата развеселеност. Навистина си помислив дека ќе почне да се превиткува од смеа.“

„Материјалниот свет“, продолжи Дипен, изобилува со големи сличности во однос на нематеријалниот; и на тој начин, реторичката догма, што преку метафора и компарација ги поткрепува аргументите и го збогатува изразот, се обои со извесна нијанса на вистинитост. Принципот vis inertiae5, на пример, изгледа идентичен и во физиката и во метафизиката. Не е поголема вистина тоа што, во физиката, големите тела потешко се придвижуваат од помалите и што нивниот momentum6 е пропорционален на таа тешкотија, од вистината дека, во метафизиката, умовите со поголеми можности – макар што се посилни, постабилни и повлијателни во своето делување од умовите со понизок ранг – сепак потешко се покренуваат, збркани и полни со колебање во првите неколку чекори од своето придвижување. Понатаму: сте забележале ли кои улични знаци, над вратите од продавниците, најмногу го привлекуваат вниманието?“

„Никогаш не сум размислувал за тоа“, реков.

„Има една игра на откривање“, продолжи тој, „што се игра на географска карта. Едниот играч бара од другиот да пронајде збор – име на град, река, држава или царство – накусо, некој збор што се наоѓа врз шарената и замрсена површина на картата. Новиот во играта обично сака да го збуни противникот со тоа што ќе зададе имиња испишани со најситни букви; но искусниот играч избира зборови со големи букви што се протегаат од едниот до другиот крај на картата. Тие, исто како прекумерно големите знаци и натписи по улиците, се измолкнуваат од погледот заради тоа што се преочигледни; и тука физичкиот превид совршено соодветствува на моралното непоимање преку кое умот ги остава незабележани оние согледувања кои сами по себе се опипливи и премногу јасни. Но тоа стојалиште, по сè изгледа, се наоѓа некаде над или под разбирањето на префектот. Тој ниту еднаш не помислил на веројатноста или можноста министерот да го остави писмото пред носот на целиот свет, овозможувајќи му на тој начин сигурна заштита од очите на тој свет.

Но, колку повеќе размислував за смелата, брза и истанчена остроумност на Д. – за тоа дека документот мора да му биде секогаш на дофат, ако сака успешно да го употреби; и за клучниот доказ, добиен од префектот, дека не се наоѓа во границите на вообичаеното пребарување на тој достоинственик – толку повеќе стекнував убедување дека, за да го сокрие писмото, министерот се послужил со далекусежното и мудро решение воопшто да не го сокрива документот.

Полн со такви мисли, опремен со зелени очила, едно утро, божем случајно, свратив до куќата на министерот Д. Го затекнав дома, се проѕеваше, се истегаше, се моткаше, како и обично, преправајќи се дека умира од здодевност. Тој е, можеби, најенергичното човечко суштество на овој свет – но само кога никој не го гледа.

3а да бидеме еднакви, се пожалив на очите и му се жалев дека мора да ги носам очилата, под кои внимателно и темелно ја разгледав собата, привидно изгледајќи занесен единствено во разговорот со домаќинот.

Посебно внимание посветив на големата маса за пишување, до која тој седеше, и врз која лежеа расфрлани најразлични писма и секакви хартии, заедно со уште еден-два музички инструменти и неколку книги. Сепак овде, по долго и обмислено разгледување, не здогледав ништо што би предизвикало особено внимание.

Кружејќи по собата, мојот поглед најпосле застана врз финото картонско кутиче за дребулии што се нишаше висејќи на една извалкана сина панделка, закачено за мала месингена рачка веднаш под средишниот дел од огништето. Во тоа кутиче со три-четири прегради, се наоѓаа пет-шест посетници и едно осамено писмо. Писмото беше мошне извалкано и стуткано. По средината, речиси беше скинато на две – како некој отпрвин да имал намера целосно да го искине сметајќи дека е безвредно, но потоа се премислил и го оставил. На него имаше голем црн печат, со многу јасно видлив монограм Д., и беше адресирано, со ситен женски ракопис, до Д., до министерот лично. Беше фрлено небрежно, дури се чинеше, презриво, во една од погорните прегради на кутичето.

Само што го здогледав, заклучив дека тоа е писмото што го барам. Се разбира, на изглед беше многу различно од писмото чијшто подробен опис префектот ни го прочита. Овде печатот беше голем и црн, со монограм Д.; таму беше мал и црвен, со војвотскиот грб на семејството С. Овде адресата до министерот беше со ситен женски ракопис, таму натписот, до одредена личност од кралскиот двор, беше упадливо и решително испишан со дебели букви; единствено се совпаѓаа во големината. Но од друга страна, претераната коренитост на тие разлики, извалканоста и стутканоста на писмото – така несоодветни на вистинските уредни навики на Д. – толку многу укажуваа на намерата да се залаже окото дека станува збор за безвреден документ; сето тоа, заедно со грубата наметливост на документот оставен пред очите на секој посетител, беше сосема сообразено со заклучоците до кои претходно бев дошол; сето тоа, велам, силно го потврдуваше сомнежот кај човек дојден со намера да се сомнева.

Ја продолжив посетата колку што можев повеќе, а додека водев мошне жив разговор со министерот, на тема која знаев дека секако ќе го заинтересира и возбуди, целото внимание ми беше насочено кон писмото. При тоа испитување, во сеќавањето ги врежав надворешниот изглед на писмото и неговата положба во кутичето; а секако, најпосле дојдов и до едно откритие што ги смири и најситните сомнежи кај мене. Разгледувајќи ги внимателно краевите на хартијата, забележав дека се стуткани повеќе отколку што се чинеше дека е потребно. Имаа прекршен изглед кој се добива кога некоја крута хартија, веќе свиткана и притисната со преса, се превиткува во спротивна насока, по должината на истите рабови што го правеле првобитниот преклоп. Ова откритие беше доволно. Ми стана јасно дека писмото било превртено наопаку, како ракавица, па повторно адресирано и запечатено.

На министерот му посакав добар ден и веднаш заминав, оставајќи на масата златно кутиче за бурмут.

Следното утро наминав по златното кутиче, и тогаш го продолживме, со прилично голем жар, разговорот од претходниот ден. Меѓутоа, додека така бевме занесени се чу силен пукот, како од пиштол, веднаш под прозорците на куќата, проследен со страшни крици и извици од толпата. Д. се стрча кон прозорецот, го отвори, и погледна надвор. 3а тоа време, јас се приближив до неговото кутиче, го зедов писмото, го ставив в џеб, и го заменив со препис (барем што се однесува до надворешниот изглед) што претходно внимателно го подготвив кај мене дома, имитирајќи го монограмот Д., мошне умешно, со печат направен од леб.

Немирот на улицата беше предизвикан од лудачкото однесување на еден човек со мускета7. Пукал во насобраните жени и деца. Меѓутоа, се покажало дека во пушката нема куршуми па го пуштиле мислејќи дека е лудак или пијаница. Кога човекот си отиде, Д. се повлече од прозорецот, кон кој и јас веднаш се упатив откако го обезбедив саканиот предмет. Наскоро потоа, се збогував со него. Лажниот лудак беше мој платеник.“

„Но, со каква цел“, прашав, „го заменивте писмото со препис? Немаше ли да биде подобро, уште при првата посета, да го земете и да си заминете?“

„Д.“, одговори Дипен, „е безочна и дрска личност. И неговиот дом не е без прислужници предани на неговите интереси. Ако го изведев лудачкиот обид што вие го спомнавте, можеби никогаш жив не ќе излезев откај министерот. Можеби никогаш повеќе добрите луѓе во Париз немаше да слушнат за мене. Но, јас имав и друга цел. Вие ги знаете моите политички убедувања. Во такви околности, дејствувам како приврзаник на дамата што е засегната. Цели осумнаесет месеци министерот ја држи под своја власт. Сега тој е во нејзина превласт; впрочем, не знаејќи дека писмото не е кај него, тој ќе продолжи со своите уцени како сè уште да го поседува. На тој начин, неминовно се изложува на политичка пропаст. И неговиот пад ќе биде стрмоглав и непријатен. Убаво е да се зборува за facilis descensus Averni8; но при секој вид качување, како што рекол Каталани и за пеењето, многу е полесно да се оди нагоре, отколку надолу. Во сегашниов случај немам никакво сочувство – ниту жал – за оној што паѓа. Тој е monstrum horrendum9, безобѕирен гениј. Сепак, признавам дека би сакал да го дознаам вистинскиот тек на неговите мисли кога ќе биде принуден да го отвори писмото што му го оставив во кутичето, откако ќе биде предизвикан од онаа што префектот ја именува како ’одредена личност‘.“

„Како тоа? Ставивте ли внатре нешто посебно?“

„Па, не е во ред внатрешноста да се остави празна – тоа би било навредливо. Еднаш во Виена Д. ми напакости и му кажав, во шега, дека ќе му го паметам тоа. Така, знаејќи дека ќе го обземе љубопитност по човекот што го надмудрил, сметав дека би било штета да не му оставам некаква трага. Тој добро го познава мојот ракопис, па на средината од празниот лист ги напишав следните зборови:

...Un dessein si funeste, Sil nest digne dAtrée10, est digne de Thyeste.11

Нив ќе ги најдете во ’Атреј‘ од Кребијон12.“

  ________________________

1 На мудроста ништо не ѝ е поодбивно од прекумерната остроумност. (заб. на прев.)

2 Логичка грешка поради нецелосен среден поим (заб. нa прев.)

3 Себајстијан-Рош Никола де Шамфор (1741-1794), француски книжевник. (заб. на прев.)

4 Можете да верувате дека секоја општоприфатена мисла, секое утврдено правило е глупост бидејќи припаѓа на мнозинството. (заб. на прев.)

5 Сила на инерцијата (заб. на прев.)

6 Сила на забрзувањето (заб . на прев.)

7 Стара војничка пушка од XVI и XVII век. (заб. на прев.)

8 Лесно спуштање во Аверно; Аверно е езеро во близина на Неапол кое поради мрачниот изглед и сулфурните испарувања, старите Римјани го сметале за влез во подземјето. (заб. на прев.)

9 Ужасно чудовиште (заб. на прев.)

10 Атреј, крал на Микена. Со помош на една од Најадите, за одмазда, ги заклал синовите на својот брат Тиест, одбрал парчиња од месото ги сварил во казан и му ги принел како добредојде. (заб. на прев.)

11 Намисла толку злокобна / Ако не е достојна за Атреј, достојна е за Тиест. (заб. на прев.)

12 Проспер Жолио де Кребијон (1674-1762), француски драматург. (заб. на прев.)

 

 

Извор:

„Маската на црвената смрт“ од Едгар Алан По (Темплум, 2005)

Превод: Македонка Божиновска