Организацијата на Обединетите нации и Универзалната декларација

назад кон сите лекции
Преамбула на Универзалната декларација за човекови права

Преамбула на Универзалната декларација за човекови права

Бидејќи признавањето на вроденото достоинство и еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човековото семејство е темел на слободата, правдата и мирот во светот,

 

Бидејќи непочитувањето и презирањето на правата на човекот водело кон варварски постапки кои ја навредувале совеста на човештвото, и бидејќи создавањето на свет во кој човечките суштества ќе уживаат слобода на говор и вероисповед и ќе бидат слободни од страв и немаштина е прогласено за највисок идеал на секој човек,

 

Бидејќи е од суштинско значење, човекот немајќи друг начин, како последно средство,да биде принуден на бунт против тиранијата и угнетувањето, човековите права треба да бидат заштитени со владеење на правото,

 

Бидејќи е важно да се поттикнува развојот на пријателските односи меѓу народите,

 

Бидејќи народите на Обединетите нации во Повелбата повторно ја потврдија својата вера во основните права на човекот, во достоинството и вредноста на човековата личност и рамноправноста на мажот и жената и бидејќи решија да го поттикнат општествениот напредок и да ги подобрат условите на живот во поголема слобода,

 

Бидејќи државите членки се обврзале во соработка со Обединетите нации да го обезбедат општото почитување и примена на човековите права и основни слободи,

 

Бидејќи општото разбирање на овие права и слободи е од најголема важност за полно остварување на оваа обврска, затоа сега Генералното собрание, ја прогласува оваа Универзална декларација за човековите права како заеднички стандард кој треба да го постигнат сите народи и сите нации со што секој поединец и секој орган на општеството, имајќи ја постојано предвид оваа декларација, би тежнеел низ учењето и воспитувањето да придонесе за почитување на овие права и слободи и со постапни национални и меѓународни мерки да биде обезбедено нивното општо и вистинско признавање и почитување како меѓу народите на самите држави членки, така и меѓу народите на оние територии под нивна јурисдикција.


https://www.coe.int/mk/web/compass/the-universal-declaration-of-human-rights-full-version-